100 дена Влада и 100 дена кукање. ВМРО- ДПМНЕ буквално секој ден овие 3 и нешто месеци откако се на власт само тоа го правеа, со посебен жар. Воздивнуваа тешко и длабоко, од станување до легнување, офкаа и лелекаа како да нема утре, тажеа во хор што ги снашло откако се на власт.
СДСМ се упропастила и уништила и сега не знаеле каде им е главата, која очигледно најлесно им е да ја придржуваат со двете раце и да продолжат со методот црногорска нарикача. Така изгледаше целата нивна работа, на која искрено се надевавме, мајку му, па еднаш ќе мора во тие 100 дена конечно да започне. Но, за жал, ништо од тоа не добивме, колку сме биле наивни, стари будали. Што и да спомнеа дека треба да се сработи, веднаш даваа објаснување дека е невозможно, затоа што буџетот бил празен, запустен, избришан, благодарејќи на мајчината таа СДСМ. Што и да фатеа, се тргаа и рипнуваа како од струја покосени, огин да ги изгори СДСМ.
А народот- како народ. Македонците ви се блага и лесна за владеење сорта, пријатели, малку пренапорни во покорноста и снисходливоста.
Пензионерките од Прилеп славеа со свежо испечена торта на која на филот беа напишани и подвлечени 2.500 денари покачување, кое секако дека власта од уста им го издвоила, само да ги израдува. Колку галантно, каква великодушност и државнички потег, од историски размери, чиниш милиони се во прашање.
Потомците на најреволуционерниот град во државава после 80 години ќе мора еднаш да се соочат со сопствениот, вистински живот. Во тој живот тортата е само привид. Таа исчезнува многу брзо, како и се по што копнеат и сонуваат, ако воопшто тоа е случај. Ништо од тоа сега немаат, но дали на идната торта ќе пишува барања за достоинствен живот, е, тоа тешко може да се очекува.
Затоа што, екстремна станува оваа понизност на нас Македонците, што и да не ги добиевме овие 2.500, пак ќе испечевме торти, на кои овојпат ќе пишуваше- Не, благодарам. И слободно нека ни ги изеде власта тортите. Не мора ни корења ние да јадеме. Ако не е проблем, само едно ортомче да ни дадете, се полесно е после тоа.