Големата победа на помилувањето на наркобосот со аристократски прекар Барон од страна на претседателката Силјановска беше голема победа на борбата за слобода и славење на правата на нежните криминални души. За жал, ги крена на нозе задртите, ограничените со имагинација за напредок на општеството преку поддршка на криминалот, кој е длабоко навлезен во сите пори. Особено кај советниците во високата политика.
Претседателката подоцна изјавуваше дека се работи за интересна личност, додуша во негативна смисла, за што подоцна дознала. Сосема исправно, претседателката не е должна да ги знае напамет сите криминалци, нарко босови и останатиот шљам во земјата. Нејзината должност е да потпишува сѐ што ќе ѝ подметнат луѓето околу неа, независно дали е амнестија или средба со бугарскиот претседател Радев без македонското знаме. Таа само треба да чекори кон провалијата со заврзани очи, каде ја водат секакви пробисвети на кои според законите и Уставот мора слепо да им верува.
Радоста на Барон и неговата банда која успеа да добие потпис од Силјановска беше славена и на Фејсбук, каде господинот наркобос напиша:” Се гордеам што сте прва дама на Републиката.” Македонија е повторно горда. Она што е интересно е што ниту Комисијата што ѝ го треснала на маса списокот на Силјановска, ниту таа, никој не знаел дека почитуваниот Барон има и друго криминално дело- пукање во Чаир. Тоа е оправдувањето за повторното апсење на нашиов благородник Барон и повлекувањето на амнестијата.
Значи, не е проблем тоа што господинот е прославен нарко бос и како таков великан е помилуван, за што многу добро знаела почитуваната Комисија која ѝ ги дала на Силјановска документите за потпис. Веројатно ѝ кажале дека се работи за борец за човекови права, што не е далеку од вистината, затоа што и криминалците се луѓе, зарем не?
Подоцна, претседателката не можела да отвори Интернет за да прочита кого сѐ мора да помилува, затоа што луѓето околу неа ѝ кажале дека е исклучен, со оглед на фактот што не е нејзина должност да биде информирана премногу, тоа е штетно за државата, која се стреми да стане страшно интересно место за живеење.
Нема потреба од паника за Баронот и сите барони во оваа земја, сѐ додека имаме вакви интересни луѓе кои ги ослободуваат, нема зошто да се грижат за својата блескава, криминална иднина.
Претходна објава