25 минути

Браво, Шеќеринска

Вистински потег е да кажете браво Шеќеринска, честито, фала што сѐ имаш направено, што правиш за оваа земја. Затоа што именувањето за заменичка на генералниот секретар на НАТО не е само нејзино влегување во историјата, туку и создавање на една голема историја на оваа мала, земја, изгубена и пропадната во корупција, алчност и уништени соништа.
Македонците се бескрајно гневен народ, памтат и говорат само за неправди, секогаш се гледаат како жртви, понижувани, окупирани, отфрлани. Политиките на Шеќеринска покажуваат дека иднината со вистинските луѓе е најдоброто свртување на тркалото на историјата. Можеби сега Македонците ќе сфатат дека не е во прашање тажна судбина на еден напатен народ, туку наш избор, на секој од нас, со кој ги потпишуваме успесите. 

Но, тоа така не оди кај власта. Радоста, гордоста, оптимизам за иднината што го донесе Шеќеринска, ништо од тоа не знаат тие за тоа. Немаше честитка од Мицковски. Немаше честитки од никого од државниот врв. Мицкоски ден потоа говореше за тоа дека ѝ честитал на телефон. Но, јавно никогаш не изусти- честито, Шеќеринска. Ќе кажете- што е тоа важно. Ќе кажете- кому му е тоа воопшто битно. За жал, историјата памети.

Ќе поминат години, децении, некој век потоа. Ќе останат некои правливи, мувлосани, пожолтени архиви, книги, записи, трагот ќе остане. За успехот на Шеќеринска и оттука, нека го поделеа со луѓето, нека кажеа- сепак е и ваш, на оваа земја.
Тоа требаше да го разбере Мицкоски- ако не гледа радост за Шеќеринска, да биде среќен за својата земја. Вака, тој ќе остави како наследство празни страници на оваа власт што не изустила никогаш честитки. Како и срамот на власта што не е дел од оваа радост. Со тоа уште повеќе го потенцираа вистинскиот пат на Шеќеринска, и сопствениот, кој одамна се движел по други, обраснати со трње сокаци, кои не нѐ водат никаде. Разберете ги, само се преплашени за иднината која може да ги разоткрие.