25 минути

Личност на годината

Не беше тешко да се издвои личноста на Годината- тоа е Снежана Камиловска- Трпковска. 

Веројатно, пошироката јавност не ја знае, некои можеби и не слушнале воопшто за неа. 

Но, без дилема, сите секојдневно слушаат, читаат и гледаат како Антикорупциската комисија се прогласи за ненадлежна докрај да го истражи случајот со образованието на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. 

Сѐ почна со објавувањето на ранг-листата на кандидатите за следниот состав на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). 

Тогаш, Снежана Камиловска-Трповска, која инаку е програмска координаторка на невладината МЦМС, а во својство како членка на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови на Антикорупциската комисија, излезе во јавноста дека има издвоено мислење по однос на утврдената листа, во кое посочи на, според неа, необјективно и оркестрирано гласање на другите членови на Комисијата.

Таа во него напиша: “Изненадува како другите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата, високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл.

Дополнително, кандидати кои манифестираа одлични познавања од областа, спремност за директен и недвосмислен одговор и со одлични компетенции не беа добро оценети од страна на другите членови, со што им се оневозможи да се борат за позиција претседател и член на ДКСК.

Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси и одлуката за објавување јавен оглас за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата не постои можност да се констатира издвоено мислење за утврдената ранг-листа од страна на членовите на Комисијата за селекција во записникот за спроведени интервју поради што ова е единствениот правен механизам со кој сакам да изразам мислење за необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови за Комисија за селекција“- пишуваше во претставката на Снежана Камиловска- Трпковска. 

Освен тоа, членката на Комисијата за селекција бараше нејзиното издвоено мислење јавно да биде јавно прочитано на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, тогаш кога ќе се утврдува ранг-листата на кандидатите за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и на пленарната седница на која ќе се гласа за новиот состав на Антикорупциска.

Камиловска-Трповска за издвоеното мислење по електронски пат ја извести надлежната собраниска Комисија, а до архивата на Собранието нејзиниот допис беше доставен во првиот момент кога таа ќе работи.  

Ревизорите Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во Антикорупциската комисија Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ се луѓето кои беа предложени за нови членови на ДКСК и за кои пишуваше Камиловска. 

Се разбира, тие по гласањето во Собранието, станаа членови на Антикорупциската комисија.