25 минути

Трамвајот наречен пуста желба

Ако сакате да знаете навистина каква држава сме, ако сте имале некакви илузии и надежи за себе и сопствената важност во светот, на Македонија, на вечните, неуништиви Македонци, само сетете се на пругата Куманово- Бељаковце. 30 години се граделе 28 километри.
Не е јасно како одеднаш се завршила, но Мицковски со  цела делегација на министри, пратеници и новинари отпатува со воз да ја пушти оваа пруга.
Идеално за потсмев и презир, како да ја пуштаат во погон вселенската станица и отпатувале на Марс, каде ја отвориле првата населба за живеење на неуништивите први луѓе кои ја населиле Планетава- Македонците. Но, вистината е сосема поинаква. На оваа земја, на луѓето кои тука живеат, пуштањето на пругата Куманово- Бељаковце им е еднаква како да се качиле на Месечината и го завеале македонското знаме. Не се залажувајте пријатели драги, соочете се со мерката на вашата успешност како Македонци, со големината на вечното име Македонија, тогаш кога му објаснувате на светот за сите неправди кои само нас ни се нанесуваат и никому никогаш, откако постои светот и векот.
Зарем не знаете, не сте ли свесни дека нашите најголеми успеси се пуштање на ваков тип пруги или некое селско сокаче сокапано од бога, онаму каде човечка нога не стапнала. Она што биле херојски подвизи од пред многу векови за најпросечните земји во светот, нашето ниво и скалило за успех денес е еднакво на најзапустената африканска држава, на која ако вака продолжиме, сосема ќе почнеме да наликуваме.
Затоа што, ве молам, земете го на пример одбивањето на вакцинирање за пред еден век искоренети заразни болести, кои тука се враќаат затоа што законите не живеат во оваа земја, или видете го рушењето рекорди во светски рамки на загадениот воздух. На чекор сме до ситуација да почнат да нѐ лазат муви и секакви животинки, додека ние качени на гајба држиме говор за вечното македонско име кое никогаш нема да го дадеме. Макар шетале расплакани и мрсулави што сме морале да го изговориме сепак, чисто да не завршиме низ црните листи на Америка за сите оние што не го почитуваат Преспанскиот, како и Охридскиот договор.
Затоа, да си признаеме прво самите на себе, а потоа и на светот. Единственото нешто што Македонија може да го понуди на човештвото, како цивилизациска придобивка, тоа е пруга која се градела 30 години, а која била долга само 28 километри.  Тоа е сѐ што треба да знае светот за нас, тогаш кога се колнеме дека сме големи патриоти, од оние најголемите, какви што само Македонците можат да бидат.