25 минути

Време за куку- лелекање за Фросина

Власта е во право, за сѐ се криви СДСМ. Власта е во право, за сѐ се криви ВМРО- ДПМНЕ. Кога ВЛЕН вели дека се криви ДУИ, слободно прегрнете ги и утешете ги, сосема се во право. И на ДУИ им треба бодрење, примете ги и нив во прегратки, не ги обесхрабрувајте.
Граѓаните се во право, за сѐ се криви сите овие партии, но, внимавајте, така мислат и крикаат, сѐ додека дојде нивното време. Тоа се нарекува време на точка на топење. А тоа време во оваа држава секогаш доаѓа. 

Партијата на власт, која и да е, кога и да е, таа е онаа која го одредува времето. Како што песочниот часовник кога го превртувате започнува да ги празни полека секундите, а со тоа и почетокот на крајот, така и Партијата на власт ги одбројува сите успеси и порази на нејзините граѓани, зависно од тоа дали и се лојални, дали навистина докрај и припаѓаат. Затоа таа е единствената што одредува кој се искачува и смее да преживува, а кој неславно пропаѓа во бездната на партиската опозиција или неутралноста. 

Власта го мери времето на живот и смрт во оваа земја. Време за потегнување врски за лесно и безболно пораѓање, време за наоѓање познати и непознати за брзо школување, време за протнување низ слаломските пречки при вработување, чукна часот за добивање преку ред бројче за Мој термин, време е Фондот за лекови да стапи на сцена, о, да, дојде време за пребродување на лесни болести и тешки таги, после што сепак доаѓаме од почеток, кога се на список слави и имендени, крштевки и веселби, за да се заокружи успешноста на времето во кое сме повторно сме успеале да продишеме, благодарејќи на човекот кој знае друг човек, што има познати луѓе во власта.
За крај доаѓа време за погреби, а сѐ започнало од подарено време за поминување неказнето на црвено светло, тоа ви е гратис поздрав од полицијата која ќе ви каже дека ова се проклето тешки времиња кога нема излез, проблемот е во нестаток на полицајци за сообраќајна контрола, секако дека веднаш ќе ви објаснат дека за сѐ се виновни СДСМ, или ВМРО- ДПМНЕ, зависно од тоа кој е на власт, но тоа сега и не е важно повеќе. Затоа што сега на сцена стапува времето за корумпирано судство, сега е вистинското време за пикање на казните во фиока, но пред да дојде до ужасот, ние веќе фамилијарно сме го прославиле времето за потплатени, подарени возачки дозволи, доволно е само да се удри печат на криминалните фирми кои добиваат лиценца под името- Авто- школа.

Подоцна ќе дојде наплатата. Овие недели таа наплата се викаше Фросина. Сега е време за олеснување на наоѓање гробно место, затоа што од врските зависи дали оплакувањето ќе биде подостоинствено.

Низ деценииве сме имале стотици, илјадници, десетици илјадници Фросини, безброј ужасни трагедии со кои можете да ја нацртате целата оваа земја, да ги заковате на мапата со црни плочки сите несреќи и таги кои ги донеле партиите, а на кои им се покорувале граѓаните, затоа што во тоа мислеле дека тоа е единствениот начин на функционирање на државата. Во меѓувреме, сите јавно јавно ја оплакуваат СФРЈ,  поранешната држава, во која, се колнат тие, сѐ функционирало беспрекорно како швајцарски часовник. Но, сепак, во овој систем, денешниов, кој се одржува на корумпирани паразити и клиенти кои ги уживаат плодовите од таа корупција, мнозинството се согласува доброволно да биде послушно штрафче на партијата на власт, на нефункционалноста на државата. А никој не им кажал дека штрафчињата се исклучиво тие кои ја ставаат во погон партиската машина беспрекорно да чука, дека придонесот го има секој кој влегол во таа игра на согласност со секојдневно нагризување на системот.

Затоа, лекцијата е таа- ако сите се откажат од услугите на власта, ако секој тргне од себе и сопствениот пример, ако секој од нас разбере дека единствено единката го прави колективното добро и зло, тогаш ќе имаме право да излеземе во борба против неказнивоста во случајот Фросина. Дотогаш, единственото што може да им го понудиме на нашите деца е едно бесрамно куку- лелекање за уништената држава, за младата и убава девојка Фросина, но притоа ќе мора на нашите деца еден ден да им признаеме дека и ние сме учествувале во сето тоа, дека сме ставиле потпис, можеби не со двете раце, но секако не сме мрднале со малиот прст нешто да се смени.