25 минути

Додека ние спиевме

Комична е оваа држава, нам најдрага. Слушнете ја последната амбиција на вице-премиерот Изет Меџити, да се вработеле неколку илјади Албанци во државната администрација. Не сакам да го разочарувам Меџити, би сакала сите Албанци на овој свет да се вработат во сите можни институции на оваа држава. И сите Македонци, зошто да не.

Сите работливи, трудољубиви, мрзливи паразити нека ја окупираат администрацијата, нека ја запоседнат и нека се циментираат засекога таму, и онака повеќе ништо не е важно. Затоа што, драг Меџити, кому повеќе му е грижа за вашата изгубена во време и простор администрација. Затоа што, вице- премиере, изгледа никој не ви ја кажал последната вест. Затоа што, додека вие безгрижно живеете и се расфрлате со државни вработувања, како да станува збор за ваша лична сопственост оваа држава, како да планирате вработувања во вашата фирма, за тоа време светот забрзано пропаѓа.

Не сте чуле што се случува во овој свет во кој само вие изгледа не живеете? Додека ние мирно спиевме, Трамп изјавил дека сме пред Трета светска војна, но дека тој нема да дозволи таа навистина да се случи. Трамп го нарече Зеленски диктатор, додека Путин задоволно ги трие рацете, конечно некој од демократскиот свет да ја види вистината за автократското владеење. Не ве интересира светот, господине Меџити? Тогаш, разгледајте ја државава во која сите живееме.

Распрашајте се за бројката на администрација, за нејзината ефикасност, компетентност, квалификуваност, независност во вработување и одлучување, можеби тогаш ќе разберете во каква навистина држава завршивме сите. Разгледајте ги податоците за сиромаштија, бројките за животен стандард, или можеби статистиките на пензискиот фонд. Дознајте кој навистина ја плаќа таа гломазна, огромна бирократија, пробуричкајте ги документите низ архивите, запознајте ја таа армија неработници и безрбетници, како еден работи за најмалку десет, а можеби и повеќе, во тие изгубени институции, кои не служат никому, најмалку на граѓаните и нивните основни интереси.

Низ годиниве и деценииве ја трупавте вие политичарите таа администрација, ја напикавте во сите ќошиња и дупчиња, се прелева од секаде, нѐ дави и гуши од сите страни, одамна нѐ потопи и не ни дава да дишеме, да земеме барем на кратко воздух.

Што е важно дали сме Албанци или Македонци, зарем мислите дека може некој ова да го издржи, ова бесмислено и безмилосно изживување со нас, со државава. Заедно со премиерот живеете во некаков сон, говорите за македонското прашање, за албанското, за нов грб, химна, знаме, нов Устав во кој ќе биде праведна застапеноста на сите Албанци, на сите Македонци. За сѐ имате соништа, само не за живот на истите тие Македонци, истите тие Албанци. Во цела таа несреќа дека сиот свет пропаѓа, среќата наша тука е дека сега сите мораме да се држиме заедно, само за да не висиме одделно. До вчера пропаѓавме само ние, сега сите сме во истиот Титаник.

Сите очекуваат резултати од Мицкоски и неговите досегашни три патувања во Америка, но освен жалопојки за македонското прашање и неправдите на ЕУ, што навистина може да понуди тој? Помислете премиере, помислете Меџити, како политиката носи секакви пресврти и изненадувања. Сѐ додека еден ден, додека ние спиевме, Трамп проговори за Трета светска војна, за потоа, согласно неговата трансакциска политика, не се сети и за сопствените интереси во македонско- бугарскиот спор и фактот што Бугарија е таа што вреди повеќе од нас, геостратешки далеку поважна од нашите губитнички, лузерски караници за големи патриоти и мизерни предавници, за измени во Уставот, Бугари во него, нови грбови и химни, никогаш победи, секогаш нови и нови порази.

Штета е Меџити кога ќе се разбудите од соништата за големи Албанци и еднакво големи Македонци, да не чуете и за оваа реалност.

Последната вест за Мицкоски доаѓа од “Слободен печат”, кој дал интервју на политичката коментаторка Кеј Ти Мекфарланд, поранешната заменик-советничка за национална безбедност во првиот мандат на Трамп.
“Мекфарланд наведе дека македонскиот премиер бил единствениот меѓу европските лидери кој позитивно реагирал и аплаудирал за време на говорот на Венс, во кој тој жестоко ги критикуваше европските држави. Мицкоски рече дека говорот на американскиот претседател бил „инспиративен“ и дека тој претставувал „историски настан“. 

„Тоа беше историски настан, според моето скромно мислење. Не велам дека сум во право, можеби некои европски политичари ќе ми се налутат, но тоа беше инспиративен говор. Важно е дека по говорот, некои од публиката го критикуваа Венс, а некои рекоа дека тоа било своевидно мешање во внатрешните работи на суверени држави, бидејќи потпретседателот Венс наведе многу примери кои не се во согласност со слободата на говорот, со демократијата, со нашите споделени вредности. Повторно ќе речам, мислам дека беше во право“, рекол Мицкоски”.

Видете, тука во право е Мицкоски. Неговиот пријател Орбан навистина е најдобриот пример за недемократско владеење во ЕУ. Нека му го каже тоа отворено на Венс, никој од ЕУ лидерите нема да му се налути, напротив, ќе му аплаудираат. Ова се и онака времиња на отворени карти, сезоната на руски рулет е официјално започната.