Да се биде политичар е лесно. Но, да се биде човек… Тоа е веројатно најтешкото. За оние кои политиката ја сфаќаат како омаловажување на сите останати. Понижување на секој кој не седи на нивната фотелја. Дискредитирање на оние кои се долу. Потсмевање на сите кои се гледаат од високо.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска на јавна сцена, на собраниска говорница ѝ се обрати на пратеничката Славјанка Петровска со зборовите: „Пратеничке Славјанка Петровска, врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4-члено семејство“. Само затоа што Петровска не се сложи со нејзините ставови за потрошувачката кошница.
Некои велат, добро помина Петровска, затоа којзнае што сѐ можела да ѝ каже за некој покритички став, поостар напад, којзнае што сѐ. Не е добро, мислам дека е одлично, за почеток и повеќе од одлично, којзнае што допрва може да се каже и да се направи.
Но, добро, Кочоска вели- Петровска изигрува жртва. И тука се слагам со министерката. Што има да се биде навреден, кога тоа се фактите. Сите ние кои не сме по нивна мерка самопрогласени погонски машини за раѓање, треба да бидеме изведени на главниот Плоштад на оваа земја. Да нѐ заврзат цврсто за бандера, додека не испука сосема од нивната сила. За да може така фино спремени да бидеме совршена мета за големите и плодни македонски ќерки и синови. Да нѐ плукаат и расчеречуваат, да нѐ парчат делче по делче, сѐ додека не ни остане ништо од репродуктивните органи, и онака ни се бескорисни за раѓање на машки македонски чеда.
Тоа е големата вистина за Македонија. Онаа која Мицкоски треба да ја раскажува насекаде, кога зборува за неправдите на овој мал, напатен, но горд народ. Нека нѐ издвои од победничката чета која ја води министерката Кочоска, нека нѐ расели низ пустелиите на светот, нека нѐ понуди за изживување низ логорите и камповите, онаму каде се протерани сите жени македонски, непатриотки, предавнички.
Стара е таа вистина, откако цивилизираниот свет постои- да се биде политичар е лесно. Но, човек, е, тоа веќе…