25 минути

А што е тоа папаја?

Историјата се повторува со нашите драги, мили примероци од политичари, родени со сина крв и кралски манири, кои договориле набавки за рестораните каде што тие јадат- меѓу другото и авокадо, аспарагус, папаја, манго, морски плодови- суво смрзнат октопод, чистени лигњи, чистени школки, краби, шкампи, ракчиња, микс морски плодови, чаден лосос октоподи и останати морски ѕверки. Премиерот Мицкоски на прашањето за набавките со одличен одговор и објасни на јавноста дека од воздух не се живее:

„Не знам дали тоа се точни информации. Ќе проверам и ќе ви дадам одговор. Но, прочитав во некои медиуми дека се набавени 600 килограми банани. Јас банани не јадам, но ќе го проверам сето тоа.

Ако е целта да најдеме нов начин и нова формула во Владата ако може на воздух да се живее, еве јас ќе ви кажам дека сега во месец на рамазански и велигденски постови, внимаваме каква храна конзумираме. Конкретно јас постам и знам дека голем дел од колегите го прават истото“ кажа Мицкоски.

Во превод- ние сме религиозни политичари, не трошиме пари на народот за време на постови, имајте милост кога ќе завршат нашите верски страдања, имаме право да се опуштиме и да уживаме, еднакво како и вие во вашата потрошувачка кошничка кога сте ставиле цреши, бесрамни синдикални хедонисти. 

Сега е време е да се јаде со народни пари, доста им кркореа стомаците во опозиција, ненајадени и неизживеани, покажаа дека не ја научија лекцијата од бизоните на груевизмот. Се сеќавате на претходната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска која апелираше да се штеди, Владата да се воздржи од трошоци без кои се може во време на криза, но таа ништо не знаеше, таа за ништо не беше свесна.

Затоа што без манго и папаја не се може, безвреден е животот на македонскиот политичар без суво смрзнат октопод, чистени лигни, чистени школки, краби, шкампи, ракчиња, микс морски плодови, чаден лосос. Вистината е таа- овие наши политичари се родени со златни лажици, нивната аристократска крв подразбира златни есцајзи, златни чинии, златна патека по која тие мора да одат додека сѐ околу нив пропаѓа.  

Тие се вознемирени ако егзотични овошја како папаја и манго не се на нивното мени, за нив отсекогаш фантазирале, конечно имаат право засекогаш да го заборават ајварот со кој се пораснати, пиперките и патлиџаните со кои ги доеле, додека сонувале за малку сиренце во корката лепче.

Затоа и бараат да им се градат Потемкини села кога тие самоуверено цапаат по калта во селата и градовите, кога расфрланото скопско ѓубре низ улиците на секој чекор им се потсмева и ги прашува- зошто не ја гледаат депонијата во која сите се гушиме и давиме, а за што се сте гласани да ја снема.

Не се грижете, ние ќе јадеме корења, само вие продолжете да не сте свесни дека го јадете истиот воздух за кој сте платени да престане да нѐ труе.