25 минути

Шупата која ја создадоа од земјава

Секоја чест на пратениците. 120 претставници на граѓаните кои ги гласале со надеж да направат подобро место од земјава, решија да си доделат две недели одмор по трагедијата во Кочани.

Починаа 59 невини млади луѓе, додека 120 великани прогласија игнорирање и незаинтересираност за оваа катастрофа, која го стресе и светот, кој се натпреварува во помош и поддршка.

Видете само што велат овие македонски пратеници, зошто решиле да се прогласат за политички неупотребливи и неспособни. Тие “ги имале предвид чувствата на сите граѓани, изразувајќи почит кон сите загинати”. Да имаа навистина почит кон загинатите, тие ќе работеа деноноќно, ќе бдееја над правото и правдата за да сѐ спроведе, ќе бараа одговори, документи и докази, ќе работеа со сета сила и совест, да ги детектираат и лоцираат сите корупциски, криминални потези на властите, кои доведоа до ваква трагедија. Бесрамно се конфронтираа со сите критичари дека “секоја изјава со која се претпоставува дека пратениците паузираат е нарушување на угледот на Собранието и народните избраници”. Углед и почит- треба да се заслужи, за да се добие од луѓето кои ве гласале. Да беше навистина “израз на почит, солидарност и чувствителност во момент на национална жалост” нивното прекинување на работата, тие веднаш ќе изгласаа оставки, колективно, но и да ги вратат парите до денар од почетокот на нивното срамно неработење, тогаш кога ги запоседнаа фотелјите како пратеници.

Самиот збор пратеник подразбира дека се пратени од луѓето кои ги гласале. Не да бидат паразити, кои гласаат зголемување на сопствените плати за 78%, алчни за патните трошоци и сите привилегии додека околу нив се случуваат секојдневни катастрофи. А најголемиот срам од сите катастрофи оди на нивно конто, затоа што овие луѓе не ја разбираат сопствената обврска за што се безобразно платени, ниту сериозноста ма одговорноста која ја имаат.

Историјата ќе се погрижи за пратениците, како и за сите оние кои допринесоа до неа- запишувајќи ги во учебниците, архивите и колективната меморија како се сториле за дното да не постои во оваа земја, благодарејќи на шупата која ја создадоа од државава.