25 минути

Полноглавци и празноглавци

Сакате да опстанете во земјава? Немојте да ја критикувате власта. Секогаш е подобро така. Зоната на комфор ви е обезбедена, мирно и спокојно може да се оди со наведната глава, никогаш да не дознаете што има пред вас, ниту над вас. Небото нема да го видите, само сегашноста на црната земја во која сте закопани.

Затоа, послушајте го премиерот Мицкоски кога вели: “Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда”.  Мицкоски ова го изјави, револтиран од пресудата во Тетово за смртта на младата Теодора Ристевска, еднакво како и сите ние што сме огорчени на Судот во Тетово кој му досуди две години затвор на возачот кој ја прегази 22-годишната девојка.

Но, проблемот е сепак во друго. Поделбата на властите токму заради тоа е и воспоставена- нивната независност, проверка и баланс се дефиниција за демократско општество. Критиките пак кон властите во услови на демократија, секогаш се добредојдени и пожелни, затоа што подразбираат дека има коректив, надгледувач на нивната работа, ефикасност, функционалност.

Мицкоски во случајов има задача и обврска да ги создаде сите предуслови за независност на судството, да креира општество во кое ќе владее правото, а задоволување на правдата ќе биде врвен приоритет. Судските одлуки да не бидат неправедни, како во овој случај, но и да не дојде до нивно преиспитување само заради тоа што извршната власт инсистирала, колку и да е во право, во случајов, премиерот. Неговото премногу тврдо гледање на критиките, нарекувајќи ги полноглавци критичарите, нема да помогне во креирањето на тој демократски амбиент, за кој тој вели дека се залага.

Тој може да го критикува судството, но него никој не може да го стави под лупа. Колку и да е во право во нападите за одредени случаи, кога се јавно искажани подразбираат притисок кон другите власти. Во исто време, треба да биде отворен и подготвен за сите медиумски и други рафали кон неговите погледи, да охрабрува дебати, различни гледишта, спротивставени ставови. Во спротивно, ќе поттикне создавање на држава полна со празноглавци околу него, со една цел- да се елиминираат полноглавците. Наведнатата глава на празноглавците никогаш нема да биде исечена од сабја, туку таа ќе се упати токму на полноглавците, се разбира. За нив власта подготвила послужавник, за да им се сервира таа глава токму пред очите на празните глави, за да видат каква судбина и иднина ги чека ако помислат да го прифатат и продолжат патот на оние кои премногу говореле, уште и гласно, премногу гласно за ушите на еден политичар.

Бука наспроти тишина, мачна, неподнослива, резултира со морничава држава, со која Мицкоски не би сакал да владее, се надевам.