25 минути

Госпожата на Нушиќ

Дали навистина се случи пресврт со Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање на службени тајни во случајот „Адитив“? Не, одговорот е не. Затоа што сѐ започна претходно, со објавувањето на ранг-листата на кандидатите за овој состав на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Сетете се, тогаш Снежана Камиловска-Трповска од МЦМС излезе во јавноста дека има издвоено мислење по однос на утврдената листа, во кое посочи на, според неа, необјективно и оркестрирано гласање на другите членови на Комисијата. Таа во него напиша: “Изненадува како другите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата, високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл.

Дополнително, кандидати кои манифестираа одлични познавања од областа, спремност за директен и недвосмислен одговор и со одлични компетенции не беа добро оценети од страна на другите членови, со што им се оневозможи да се борат за позиција претседател и член на ДКСК.

Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси и одлуката за објавување јавен оглас за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата не постои можност да се констатира издвоено мислење за утврдената ранг-листа од страна на членовите на Комисијата за селекција во записникот за спроведени интервју поради што ова е единствениот правен механизам со кој сакам да изразам мислење за необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови за Комисија за селекција“- пишуваше во претставката на Снежана Камиловска- Трпковска. 

Освен тоа, членката на Комисијата за селекција бараше нејзиното издвоено мислење јавно да биде јавно прочитано на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, тогаш кога ќе се утврдува ранг-листата на кандидатите за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и на пленарната седница на која ќе се гласа за новиот состав на Антикорупциска.

Камиловска-Трповска за издвоеното мислење по електронски пат ја извести надлежната собраниска Комисија, а до архивата на Собранието нејзиниот допис беше доставен во првиот момент кога таа ќе работи.  

Ревизорите Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во Антикорупциската комисија Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ се луѓето кои беа предложени за нови членови на ДКСК и за кои пишуваше Камиловска. 

И покрај сѐ, по гласањето во Собранието, станаа членови на Антикорупциската комисија. Затоа и некој ден пред завршувањето на 2024 година, во оваа колумна ја прогласив Снежана Камиловска- Трпковска за личност на годината. 

Изминативе години, претходната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска беше многупати прогласувана за личност на годината, ако внимателно ги читате извештаите на странските институции и организации- преку тоа што беше јавно пофалувана, славена за нејзината работа во оваа институција, за чување на сопствениот интегритет, како и оној на Антикорупциската комисија. 

И каков апсурд, каква пародија, како да ги читате делата на Нушиќ. Жената која возеше велосипед до ДКСК, тоа беше Ивановска, беше наследена од жената која беше фасцинирана од сѐ што ѕвецка- службени автомобили и дипломатски пасоши, тоа е Татјана Димитровска.

Последнава поголем напор вложуваше за обезбедување на сопствените привилегии и изживување со парите на граѓаните, отколку што одржа прес- конференции и информирање на јавноста за тоа колку труд било инвестирано, колку пот се пролеало за да се работи чесно и достоинствено, во обидите да се спречи барем малку високата корупција. Затоа и сега не дава оставка, не ѝ паѓа на памет тоа да го стори.

Ќе помине многу време, многу годишни доба ќе се сменат и ќе пролетаат. Сѐ ќе помине, сѐ ќе се заборави. Прашањето е- што ќе им оставиме на децата, кога нас ќе нѐ нема. Засега, само прав и пепел е во понудата. Веројатно знаеме подобро и повеќе. Или не, сепак не?