“Македонија е тажна приказна”, вели еврокомесарката Марта Кос за проширувањето, додавајќи дека во тој триаголник на тагата се наоѓаат и Косово и Босна и Херцеговина. Блокадите на Грција и Бугарија кон Македонија, еднакво како и игнорирањето на ЕУ за овие неправди ја запечатиле таа тага, наместо да ја закопаат и фрлат во буништето на историјата.
Што им преостанува на политичарите, оние кои се популисти и националисти, како и на кусогледите медиуми, освен да ја констатираат таа тага и синдром на жртва. Способните политичари се нарекуваат државници кога бараат неуморно и бескомпромисно решенија за сите пречки и препреки, за безбројните проблеми и блокади. Влегуваат во рингот и се борат, додека медиумите ги притискаат и стегаат во обрач, за да не може да се извлекуваат со тажните приказни заради кои леат крокодилски солзи, натопени од радоста на корупцијата која цвета.
Народот пак, тој е само заслепен од срцето кое ги боли за тагата која ги притиска и пече, наместо да ги гледа во вистинското светло тие корумпирани до срж политичари. Се разбира, оправдувањето за неправдите во самата држава овие политичари ги објаснуваат и бараат во лутите непријатели надвор и критичарите внатре, наместо да продуцираат радост и среќа во државата во која се избрани, да покажат резултати и пример на одбивање да се потоне во тага, со сопственото работење, способност и компетентност.
Деновиве во ТВ 24 имав интервју со светски научник, Борис Јанковски, кој заедно со Искра Јанковска- Михајловска доби државна награда за изуми- “Патент на годината”. Претходно, за истиот изум двајцата добиле награда од Министерството за одбрана на САД. После интервјуто, моите колеги од режијата во ТВ 24, дојдоа веднаш во студиото и сакаа да се запознаат со господинот Јанковски, за да му честитаат, но и да му искажат почит, да изразат гордост што во Македонија работат врвни научници од светски ранг. Најдобрите, највредните, најблескавите умови ја носат таа среќа на оваа држава, заради кои вреди што сме останале да живееме тука.
Овие луѓе со своите дела прават сѐ Македонија да не ја продолжи својата тажна приказна. Македонските политичари кои довеле до таков резултат- да се нарекува токму така, тие се оние кои ја уништуваат таа среќа на научниците, на моите драги колеги, камермани, тонци, режисери, на пекарите, на новинарите, на професорите, продавачите, на адвокатите, чистачите, на луѓето на тезгите на пазарите, на работниците од третата смена, воопшто, на сите вредни, чесни луѓе и работници кои живеат тука. Овие луѓе ја прават земјава среќна приказна. Нивната секојдневна борба за подобар живот е највредното во оваа земја.