Нова идеја за решавање на спорот со Бугарија за започнување преговори, нови проблеми на маса за вжештените глави. За идејата за директни преговори Македонија- Бугарија на НАТО Самитот, заедно со четири високи претставници на Европската Унија, но и членки на НАТО, Мицкоски вели: „Ние сме фактор на стабилност и така треба да зрачиме, во регионот има земји кои сакаат да рефлектираат нестабилност. А добро би било да се слушне, да се седне на маса. Можеби од таа страна ќе чуеме аргументи што не сме ги знаеле, каде исчезнаа 200.000 Македонци во Западна Бугарија од 1956 до 1965 година“.
Генијална идеја, да се вадат од мувлосаните, затурени архиви историските неправди, колења, страдања, поробувања. Така крајот никогаш нема да дојде, затоа што дури ни почетоците не можат да бидат прецизно детектирани, ниту лоцирани- кога сѐ почнало и колку жртви сѐ можат да се ископаат, сѐ додека не ни се слоши од толку трагедии. Прашањето кој го уби Ченто е следното кое ќе биде треснато на преговарачка маса со Бугарија.
Што може да тргне по зло? Мицкоски е политички хазардер, слично како и Груевски. Неговиот претходник лееше споменици на Александар Македонски, градеше Кули вавилонски, антички згради од стиропор и картон, ја усоврши антиквизацијата до гротеска, за да ѝ докаже на Грција, но и на светот дека ние сме еднакво потомците, ако мора баш и тие да бидат.
Губевме така златни години додека не стана повеќе од деценија, за да се докаже само едно за овој режим на Груевски- идејата не беше само да се искомплицираат односите со Грција, туку и да се докаже дека сите авторитарни лидери имаат повисоки цели, секако дека е тоа маестрално сеење на магла за идентитетот, за да се слави корупцијата која никогаш нема да биде казнета.
Мицкоски е сега во слична позиција, ако продолжи вака, во ова копање на сите знајни и незнајни македонски херои. Зарем мисли дека ќе ги доведе до апсурд барањата на Бугарија, нивното негирање на идентитетот, нивниот фашистички режим во време на Втората светска војна, сите нивни вековни окупации, зарем очекува дека ќе паднат на колена и да молат за прошка, онака како што тоа го стори германскиот канцелатр Вили Бранд во Полска. “Соочен со бездната на германската историја и товарот на милионите убиени, направив она што ние луѓето го правиме кога зборовите нè изневеруваат“, така Брант својот гест го опиша во своите мемоари.
Доколку успее во тоа Мицкоски, во затворањето на сите стари рани, неправди и неволји кои се длабоко закопани во историските книги и колективната меморија, ќе стане првиот политичар во светската историја кој ги порамнил сосема сметките со своите соседи, ги принудил да се засрамат и покајат за сите ѕверства и злосторства, но на начин кој никогаш повеќе нема да биде отворен. Кој е тој што може да ги натера сите наследници да се соочат и да го отфрлат засекогаш своето ужасно Наци минато, фашистичките идеи, погледнете ја само сегашната политичка мапа во Европа, растот на ултра- националистите, на крајните десничари, славењето на нео-нацизмот, бедата и јадот со кој сѐ повеќе се соочуваме и тонеме.
Влезот на Бугарите во Уставот за да започнат преговорите, како знак на добра политичка волја би бил најдобриот потег на Мицкоски. Подоцна, доколку дојде до отворање на идентитетски прашања од страна на Бугарија, Мицкоски има мандат да каже не, благодарам, одбивам да разговарам на оваа тема, најмалку да преговарам. Само на тој начин ќе ја покаже на светот апсурдноста на бугарските вета и блокади. Тој сега покажува дека воопшто не го прифаќа Договорот со ЕУ за започнување преговори, но од друга страна одбива да го поништи. Тоа и не би бил така голем проблем, да беше ова финансиски и економски моќна земја, со созреана демократија, каде на сила се владеење на правото, казнување на висока корупција, департизирана администрација и судство, сериозно независни и ефикасни.
Вака, граѓаните ќе продолжат да бидат горди со самоуништувањето во национализмот, кој најмалку е патриотизам, макар тонеле уште повеќе во сиромаштија, плаќање на кредити на државата преку зголемени цени и маржи, сметки за парно, струја, за притоа да не им биде јасно кои се навистина корените за нивното драматично осиромашување. Горда Македонија, со тој слоган ќе се удираат во гради, макар ја потпишале сопствената пропаст.