Одлична стратегија и тактика на премиерот Мицкоски со која тешко дека ќе може да започнат преговори со ЕУ, барем во време на неговото владеење. Како изјави тој: “ Ни милиметар нема да отстапам за уставните измени, односно внесување на Бугарите, сѐ додека не видам Македонец во Комитетот за малцинства на Бугарија”. Претходно бараше да објасни Бугарија каде исчезнале 200.000 Македонци во периодот 1956-1965.
Сега бара поддршка од сите политички партии во Европскиот парламент, вклучувајќи го и македонскиот, за прознавање на македонскиот јазик и идентитет. За тоа време, Бугарија во нивниот Парламент исто така порача дека не отстапува од своите зациментирани позиции. Но, проблемот се усложнува со опозициските партии во земјава, затоа што колку и да лобираат во Европскиот парламент, колку и да помине оваа Резолуција, планот на Мицкоски е да ги обвини СДСМ дека ништо не прават за решавање на македонско-бугарскиот спор, односно за чување на македонскиот јазик и идентитет. Одличен план. Сите се виновни, освен власта, која има обврска да ги решава и најтешките прашања и проблеми.
Заканите на Мицкоски дека нема да мрдне ниту милиметар за уставните измени, што подразбира почнување преговори со ЕУ се подразбираат, затоа што и досега немаат мрднато ниту стотинка од тој фамозен милиметар.
Проблемот е што немрднувањето на милиметар важи веќе цела година од владеењето на ВМРО- ДПМНЕ, еднакво и за сите останати области- економски раст, некакво минимално финансиско закрепнување на граѓаните, милиметар во подобрување на здравството, корупцијата. Или во борба со градежната мафија за која дознаваме деновиве, по офанзивата на скопската градоначалничка Данела Арсовска, за дури 150 дивоградби кои продолжуваат да се градат, благодарејќи на градоначалникот на Чаир, Висан Ганиу, за непостапување на Јавното обвинителство, Финансиската полиција и сите надлежни институции.
Милиметарот кој не е помрднат во таа борба против корупција го гледаме и во трагедијата во Кочани, за што протестираат илјадници и илјадници луѓе- за правда, владеење на правото, за казнивост, за нова ера во пресметка со криминалот и корупцијата, кој доведе до ужасно загинување на 62 луѓе. Милиметарот од кој не се мрда не треба да биде гордост и удирање во гради на Мицкоски и оваа Влада.
Луѓето кои маршираат за правда во Кочани многупати повторија- ова не е трагедија, ова е убиство. Затоа што Кочани покажа дека ужасот без крај брзо стана ужасен крај, од незапамтени размери. Милиметарот кој до тогаш не се помрдна, токму за спречување на ова злосторство е доказ за тоа.