25 минути

Корупцијата во срцето на идентитетот

Пред било што да кажеме, пред да почнеме да се фаќаме за срцето кое низ вековите прекопнува и венее, најдобро е да го чуеме целосниот контекст на изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која предизвика многу бес и револт, разочарани кревки души, навредени и погодени, кои се прпелкаат низ социјалните мрежи како ранети.

Ова е изјавата на Марта Кос: ”И откога Молдавија стана земја кандидат во моето портфолио, помагаме во Молдавија да се спречи рускиот наратив што вели дека ќе го изгубат идентитетот. Идентитетот не може, според мене, никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување. Идентитетот е нешто што си го носиме во душите и во нашите срца. Идентитетот е како се чувствуваме и како ја чувствуваме нашата татковина, идентитетот е она како се грижиме за нашата традиција.

На пример, манастирите во Северна Македонија, на пример погачата, тавче гравчето, пинџурот или полнетите пиперки… како на пример ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик и никој не може ова да ви го одземе ова на вас Македонците.”

После оваа изјава на Кос, премиерот Мицкоски, но и  цела армија на херои и бранители на идентитетот низ социјалните мрежи го кренаа силно гласот против неправдите и непочитувањето на еврокомесарката, навредени од спомнувањето на погачата, тавче гравчето, пинџурот и полнетите пиперки. Во оваа земја никогаш и не се очекува повеќе од борбата која се води на Фејсбук и сличните арени на битки.

Затоа и никој нема илузии дека нешто треба повеќе да се стори за да се одбрани честа на идентитетот и достоинството, тогаш кога семејствата и најблиските протестираат и маршираат сами против корупцијата која им ги уби децата во Кочани. Гаму не можете да видите армија од навредени, бесни и гневни, тие го резервираат револтот исклучиво само кон Марта Кос, за нејзиното спомнување на погачата, тавче гравчето, пинџурот или полнетите пиперки, за кои жестоко се борат да не бидат дефинирани како клуч на идентитетот. Нели на Фејсбук и на сличните мрежи овие навредениве од Марта Кос се колнеа дека тоа се и нивни деца? Ако нивната болка за несмасноста на говорот на Марта Кос е толку голема, нека се пренасочи на вистинското место, на тлото каде што газат родителите на починатите деца во Кочани, нека викаат и крикнуваат, нека ечи вистината на оваа држава, дека вистинскиот идентитет на оваа земја и нејзините граѓани е корупцијата, таа е единствената која ги убива нашите деца.

Патриотизмот и идентитетот да ги наречеме со вистинското име- потонати во корупција низ деценииве, тогаш кога оние кои се колнат во идентитетот немаат намера да обезбедат лекови за болните на онкологија, за сите оние кои се разболуваат заради воздухот кој го дишат и ги урива светските рекорди, сите тие немаат ни најмали шанси да се лечат, заради корупција, незаинтересираност, примитивен лоповлук,  мизерна арогантност, неспособност, заради луѓе кои се на високи функции благодарејќи исклучиво на партиската книшка и ништо повеќе од тоа.

Добрите, фини, пристојни луѓе кои сепак останале тука, кои навистина ја сакаат државата и се борат за нез, да бидеме чесни и да признаеме- немаат никакви шанси во оваа земја. Тие тоа го знаат, затоа и нивната борба стана цел за опстанок, само за да живеат доволно долго за да се маршира и протестира, само да се крене гласот, само да се чуе зошто вреди да се живее. Борците за идентитетот и големите патриоти навредени за погачите, пинџурот и полнетите пиперки   никогаш нема ова да го разберат, ниту пак вреди да им се објаснува.