Ве молам, послушајте патриоти. Се однесува на сите, но најпрво на оние што им горат куќите низ државава, потоа доаѓаат и останатите, сите оние на кои ви горат градите и белите дробови од пожарите кои вивнуваат секојдневно и тешко се ставаат под контрола. Сите вие пријатели, престанете да драматизирате и лелекате и воопшто да ја спомнувате таа тема.
Вистинската дебата која единствено вреди во оваа земја е e тешката и вековна борба за македонскиот идентитет и јазик. Велат, тивко и полека се умира од загадениот воздух, тврдат дека Кочани покажа дека корупцијата убива. Тешко дека некому тоа е важно. Сега болката е насочена кон Бугарија, само за негирањето на македонскиот идентитет треба да се говори и да се пишува, само тоа има употребна вредност, единствено така се собираат гласови и победи, на кои избори и да посакате. Македонскиот идентитет не се разорените, изгорени гради и краткиот, непрекинат здив. Не се ни дивоградбите, но и законските урбанистички планови за легални градби, со кои се исекоа цели планини и шуми од дрвја, за да никнат нови градови во државата која одамна ѝ припаѓа на мафијата.
Таа го потпишува сега нашиот нов идентитет, таа ги премерува крвните зрнца, под нејзин надзор е потпишана нова ДНК, која понатаму ги пренесува сите информации за нашите наследници. Единствено и тоа можеме да го понудиме на нашите деца, тестаментот не се расфрла со премногу избор, понудата е мизерна, смртоносна. Градите чкрипат и по нив и ќе нѐ запамтат, но што е тоа сега важно.
Дајте да продолжиме за Бугарија да зборуваме, дајте да се мразиме, дајте доволно плач да се тресат горите и планините, кога ќе помислат на македонскиот идентитет. За да се заборави сѐ останато, за да заборавиме дека нема уште долго ова нашево да трае, црнилата на градите, овој неподнослив воздух, овој воздух кој одамна и не е тоа.