Вреди да се живее во оваа земја само заради една причина. Да се слави буквално секој ден неверојатниот сплет и расплет на околностите. Погледнете го ве молам последниот пример, оној со милостивата госпоѓа Татјана Димитровска, довчерашната претседателка на Антикорупциската комисија, која во моментов е под истрага за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“ и обвинение за компјутерски фалсификат.
Откако со месеци одбиваше да даде оставка, конечно се смилува нашата милостива и се откажа од функцијата во ДКСК, но како што јавуваат медиумите, со желба да ја продолжи блескавата кариера повторно во меките кадифени функционерски фотелји. Татјана Димитровска се враќа на старото работно место во Државниот завод за ревизија кое и беше во мирување- помошничка на главниот државен ревизор. Не се сомневам дека ќе ја дочекаат со одушевување, аплауз и овации. Таквите како неа се единствено славени, посакувани и унапредувани во оваа земја.
Затоа и на обвинителката Ленче Ристовска треба да ѝ биде чест и комплимент фактот што е елиминирана од кандидатската позиција за судијка во Судот за човекови права во Стразбур. Ќе беше прилично сомнително и навредливо за неа ако ѝ беше прифатена кандидатурата во ваква земја, под вакви околности. Ова е само уште еден доказ дека таа е секогаш на вистинскиот пат, онака како што пишуваше Блаже Конески во неговата “ Молитва”, давајќи ни ги насоките низ животот:
“Дај Господе, што помалку очите да
им ги бодам,
штом тие лево ќе фатат,
јас десно да одам.”
Ви тврдам дека е лажна веста дека довчерашниот фаворит за кандидат на СДСМ за градоначалник, Мишко Ралев, преминал во ВМРО- ДПМНЕ, како советник на нивниот кандидат, Орце Ѓорѓиевски. Ако сепак оваа вест е вистина, тогаш ваквиот неверојатен пресврт е единствениот случај во светската историја на политиката, со што уште еднаш докажуваме- дека само заради вакви вести вреди да се живее во оваа земја. Само така сѐ повеќе се добива желба да се напушти засекогаш.
.