25 минути

Упатство за употреба: Како да ги елиминирате независните

Како да се ослободите од независните кандидати? Премиерот Мицкоски заедно со сите големи партии го напиша и со две раце го потпиша “Упатството за употреба”, откако ДИК донесе одлука за поддршка за кандидирање на независните кандидати со само два потписи, а Парламентот не изгласа барем минимални демократски измени на Изборниот законик. Како вели премиерот:

“Сè е можно. Можно е гласачкото ливче да биде 7-8 метри, можно е гласачкото ливче да ги обесхрабри граѓаните да излезат на изборите и  да се намали цензусот. Но, сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници во Општините.

Неодговорното однесување на поединци или на политички партии резултира со вакви можности.”

Се разбира дека сѐ е можно. Особено во земји чии политичари кои оддалеку не се ни стапнати во сериозен демократски процес, па се подготвени да ги распарчат изборите, само за да ја минираат она малку светлина која се наѕира со граѓанската желба за поинаков, подобар свет. Тоа е свет во кој нема да нѐ гуши, пече и притиска окупацијата на политичките и останати медиокритети, гладни и алчни за моќ и пари, зациментирани во фотелји до последниот здив.

Тоа ви е корумпирано, неспособно братство кое се бори за власт како да е прашање на живот или смрт, но и е, ако се погледне подлабоко во нивните досегашни измамнички перформанси. Што би правеле тие добога, ако не е тоа расипништво и изживување со парите на граѓаните? Каде би оделе, во која небиднина би завршиле? Што имаат тие да понудат на ова малку народ што остана тука, нивни слепи поклоници, кои длабоко ги мразат во самата суштина, но сфатиле дека патот до достоинство е тежок и мачен процес, кој ќе се замара со такви авантури и политички акробации. Сликата ја имаат за себе и ја предаваат на поколенија- ова ти е доволно измалтретиран народец, понижен и подготвен за покорност до апсурдни граници, што се согласува на сѐ, само да има мир, нема потреба да го крене гласот, неволен и со малиот прст да мрдне да го помрдне и најмалото камче кое се испречило, ни да го шутне нема да се согласи.

Партијата и онака нешто ќе потфрли-лепче и солца и кров над главата низ тој кучешки живот ќе се спечали. За повеќе, нека се борат останатите, будалите тие, со глави полни со идеали, празни глави кои всушност не разбираат ништо, си вели овој следбеник на власта, спремен да гине за она корче лепче и трошка солца. Мисли дека царството е веќе на здрави темели поставено, не го помрднуваат никакви граѓански иницијативи, независни кандидати, она малку опозиција што ни преостанала. Клима со главата послушно кога неговиот премиер говори за 7-8 метри долги изборни листи преполни со конфузни, намерно измешани имиња, на кои крајот може да им се види ако се инсталираат владини повереници, кои ќе го треснат печатот и ќе прогласат победа, онаму каде што оддалеку се гледа поразот.

Тешко во таква држава да има среќа, тешко нам со вас, кога се удирате по патриотските гради за земјава, а сторивте сѐ да ѝ го истиснете и последниот воздух за да продише слободно.