25 минути

Ѓубре од извештајче

Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја даде историската изјава за историската функција која историски ја доби, со најмалку гласови во историјата: “Ќе дејствувам како јас да сум директор на секое јавно претпријатие”.

Каква чест е тоа за нас, прескромен дар од Ѓорѓиевски, кој овие следни 4 години ќе ни биде бескомпромисен менаџер на ѓубреџиите кои повеќе мафтаат со мобилните, отколку што виделе воопшто метла со свои очи; надгледувач на водоинсталатерите, особено на цевките кои со радост пукаат, за да може водата со олеснување да протече помешана со црнила; строг диригент на кутрите учители и учителките, кои одамна не се авторитети, после патентирањето на инфлуенсерките; супервизор на градинарите, кои по целосната бетонизација ги полеваат цвеќињата дома, лежерен ревизор на пожарникарите, кои немаат ниту возила, ниту опрема, ниту улици по кои би се движеле ако пламнеме; раководител на електричарите и напојувачите, кои повеќе исклучуваат струја за да штедат, отолку што се загрижиле за мракот во кој сме потонале; конечно некој мора да биде и шеф на шоферите на раскантаните автобуси и омразен контролор на пајаците, кои единствено функционираат како швајцарски саат во сиот хаос и беззаконие.

Ваква апсолутистичка власт на Орце Ѓорѓиевски секако дека нѐ радува, тој дури фантазира дека може дури и да ги укине самите институции и да ги отпушти сите вработени, да се претвори во октопод и да ги влечка пипците насекаде. Доколку не функционира ништо од ова, никогаш тој  нема да биде виновен за ништо, а заслугите ќе му припаднат за сешто.

Одлично функционира поделбата на вината што не може ниту еден чекор да се направи, најдобро објаснување секогаш има премиерот Мицкоски: секогаш е тука СДСМ да биде обвинета за колапсот, ДУИ за падовите и поразите,  Бугарија за дебаклот, ЕУ за пропаста. Затоа и премиерот совршено го дефинираше Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија- како извештајче, баш и сѐ да направиме, сите реформи совршено да ги исполниме, вето ќе добиеме од Бугарија, како и да земете, како и да се свртите, пораз ќе остане.

Зошто тогаш воопшто да мрднеме со прст, се прашува Мицкоски, револтиран од жртвата која мора да ја даде неговата Влада- да седи и ништо да не работи, принудена, присилена, турната во неработење, депресивна празнотија од живот, каде само се трупаат парите на личните конта, додека сѐ наоколу се распаѓа. Но, таквата власт не може поинаку да изгледа,  затоа што е избрана од народот, а тој секогаш е во право, дури и кога не знае зошто ги гласа, во животот полн со депонии, глодари и болештини, за кои на луѓето им станало сеедно. Затоа и упорно ги гласаме ВМРО-ДПМНЕ, подобро и не сме заслужиле.