25 минути

Не се кладете на Партизанска

Најглупавите закони во земјава се однесуваат на ограничувања. Како овој најновиов, за возење до 50 километри на час во Скопје. Точно, овој Закон постои, но сега ќе започне сериозно да се применува, откако ќе се инсталираат камери. Не секаде и насекаде, се разбира, кутрите вие, наивни луѓе. Најглупавите закони сепак имаат зрнце мудрост во нив-да не се почитуваат од сите, затоа и не се напишани за сите. Моите врски во ВМРО-ДПМНЕ можеби се слаби, но не и непостоечки.  Вака размислуваме скоро сите, иако би се кладела дека  буквално сите, дури и најневините и мутави очиња знаат да засветкаат кога треба под маса да се протне некоја ситна ѕверка од врска, секаде, секогаш.

Во секој случај, во најдобар начин, нема сите да бидат казнувани за млатење празна слама на мобилните додека возат, што не е е воопшто мала отстапка. Конечно, сите улици нема да бидат покриени со камери, што исто така подразбира продолжување на лудачкото дивеење на силеџиите, кои вечно ќе владеат во оваа импровизација од држава. Солидарно им се приклучуваат и сите оние кои застануваат на улица каде сакаат и кога сакаат, не за да се паркираат, туку само за да застанат, за да стојат, за да седат, да куцкаат со прстите нервозно по вратата, да се прозеваат и да задремат слатко, да го проживеат целиот свој возбудлив живот буквално на третата лента на Партизанска.

Знам, знам. Џон Кенеди е главниот проблем за мнозинството чесни и агилни граѓани. Откако се делиме на левата и десната страна на Вардар, Џон Кенеди е омразениот симбол за онаа страна од Вардар. За нив не знам, дали имаат слична презрена улица од оваа страна на Вардар, иако не изгледаат дека се премногу заинтересирани за жестења што се случува подалеку од нивното срце. Нешто што оваа мојава страна од Вардар ќе мора да го научи, крајното време еден ден ќе дојде. 

Најглупавите закони во оваа држава се однесуваат на ограничувања. Нема сега да правиме големи драми околу подлите закони во оваа нецивилизирана, замислена вечност од земја, но, внимавајте сега.  Сепак, оној пат кога вестите за жртви низ градските улици ќе нѐ пресечат, можеби само еден човек ќе се најде да биде пресреќен, што немал партиски врски и морал да внимава како вози. Така сѐ започнува, дури и новиот живот-кога ќе дојде денот глупавите закони да ги благословиме. Ние, дивите, изгубени души од пустелијава од главен град.