Ние сме нација која мрази. Се мразат сите поинакви, различни, другите. Албанци, Бугари, Грци, хомосексуалци, Муслимани, транс луѓе, мигранти, сите несреќни, уништени, очајни луѓе. Се нема милост, се нема добрина, човечност.
Се навива како на фудбалски натпревар, со пуканки, размачкани од сенфот на хот-дог во едната рака, а во другата срцето полно со желба за протерување, обезглавување, ништење. Ова е нација која има презир кон сите надвор од расата на вечниот македонски народ, кој го создал светот, затоа што извира од папокот од светот, оваа света земја.
Срамот не постои кај нас. Само дивјачки, анимални пориви, да се изгризе од корен сѐ што никнало надвор од осветената ДНК на Македонецот. Затоа и премиерот Мицкоски бара од сите нас да зборуваме за убави работи, за веселби, за празниците кои се ближат. Стомакот на просечниот сиромашен Македонец кој цивка кога кркори ќе проработи ако се соџвака омразата, ако се голтне сонот за убави работи.
Мигрантите сега се на мени. Опозицијата ја зграпчи можноста да ги полни главите со фашистички пароли, заплашува и крика, без да посегне по елементарната, базична грижа, солидарност, емпатија. Никогаш не понудија докази дека се работи за убијци и силувачи кои ќе бидат депортирани од Британија. Добро познавајќи го загноеното ткиво на мразачите, тие само го пумпаат и надуваат, за да не може да дише, за да сака да се радува на несреќата на сите други.
Тажна, безмилосна е оваа земја, ако дозволи да ја водат омразата и злото, многу несреќна земја, многу изгубена, таква ќе остане во спомените.
