Како дојдовме до тоа да се осветуваат нови полициски коли во сред МВР? Како стигнавме до таму за илјадници деца со божиќни звезди да маршираат во бадникови поворки низ целата земја? Како се запустивме до толку па избрани функционери да бацуваат раце на свештени лица на религиозни празници?
Во што се претвори оваа земја кога медиумите објавуваат икони кои плачат и аутистични деца кои оздравуваат, прозборуваат по чудесната моќ на манастирот Василиј Острошки? А во исто време, во меѓувреме на Фејсбук цела армија хипнотизирани луѓе во транс пишуваат амин, амин, амин.
Ваква анестезирина, оглупавена и запустена нација не треба да се грижи за својата иднина. Отровите кои ги дишеме помирени со судбината се дело на милостивиот господ, кој ги благословува фабриките без филтри, автомобилските гуми и пластичните искорнати паркети за да се загреат сиромашните, гладните, утепаните од бога. Ги благословува тој бог и највисоките носители на политички функции кои живеат за денот кога ќе шлапнат еден бакнеж на највисокиот пресветол архиепископ во земјава, доволно ментално заостанати во развој за да не сфатат дека и тие го дишат отровот, ако веќе не се загрижени за здравјето на сопствените деца или за оние кои ги нарекуваат најмили и најсакани. Прошка бараат со едно око шашардисано нагоре во господ, со другото фиксирани во банкарските сметки и имотите кои традиционално ги купуваат на туѓо име, задоволни што создале таков систем, со кој никогаш нема да бидат казнети.
Притоа, се надеваат дека господ каков што го дал, нема некоја сериозна амбиција да ги сосече во корен алчните, поткупливите, сите оние кои ја злоупотребуваат моќта, ги проневеруваат јавните пари, ја потпишуваат пропаста со две раце. За тоа време, црковни хорови од политичките одаи го повикуваат народот да се помири со судбината, таа е вековна казна за оваа нација, која ја мразат и посакуваат сите соседи, која ја сонуваат дури и денес анексијата, која ги потврдува старите мапи и територии.
Бог така сакал, им објаснуваат, но вие продолжете да ги пеете нашите химни “ жими крст и кандило” и “целадаје”. Додека вие така пеете, достоинствено продолжувате да пропаѓате, но најважно е дека сѐ е осветено со божји и политички благослов.
ч
