Авторка: Ениса Еминовска
Во месецот Рамазан, концептот на садака (милостина) ја засилува солидарноста. Но, токму тогаш се појавува парадокс: повеќе деца питачи на улиците. Причината не е празникот сам по себе, туку фактот дека заедницата е повеќе подготвена да дава. Така, милосрдниот чин може да стане двосмислен – истовремено израз на добрина и поттикнувач на циклусот на просење.
Во академските студии за ромската заедница, просењето се анализира како стратегија за преживување во услови на системска сиромаштија и исклученост. Истражувањето на Џон Хорген Фриберг (Оксфорд Академик, 2020) покажува дека миграцијата за просење во Европа не може да се објасни со „културни навики“, туку е резултат на економски структури и недостиг на алтернативи.
УНИЦЕФ во својот извештај ,,Заборавените деца на Европа: Ромските деца и нивните семејства 2000 – 2020 (УНИЦЕФ, 2024) нагласува дека подобрувањето на нивниот живот бара пристап заснован на човекови права, а не само казнени мерки. Децата питачи не се „една категорија “, туку поединци со различни потреби и потенцијал.
Стереотипи и институции
Стереотипите за „ромски питачи “ја засилуваат стигмата и ја блокираат интеграцијата. Според истражување објавено во Journal of Poverty and Social Justice („Весник за сиромаштија и социјална правда“), криминализацијата на просењето без социјална поддршка ја продлабочува маргинализацијата. (Фицпатрик и Ватс, 2023). Наместо тоа, потребни се холистички решенија кои ќе адресираат не само последиците, туку и причините за сиромаштијата.
Патишта кон промена
Садака со свесност – насочување на милостината кон проверени организации што обезбедуваат храна, образование и поддршка. Помош ќе стигнува до семејствата, просење нема да се стимулира.
Едукација и обука во институциите – службениците во социјалните центри, училиштата и полицијата треба да добиваат редовни обуки за културна чувствителност и антидискриминација. Така се намалува ризикот од предрасуди во нивната работа. Само кога ќе ја видат човечката страна на овие деца: нивните таленти, нивните соништа, нивната желба за образование, ќе се промени перцепцијата од „питачи’’ кон „деца со потенцијал“.
Позитивни примери – промовирање на успешни приказни од ромски деца кои преку образование и социјална поддршка постигнале успех. Овие примери ја рушат стигмата и покажуваат дека можностите носат резултати. Да се потсетиме на младиот Амир Дестанов кој како дете од улица со еден оброк во денот освои трето место на натпреварот по математика ,, Кенгур’’ во 2022 година.
Важно е исто така да се препознае дека интернализираната опресија игра голема улога во ромската заедница. Со текот на времето, многу Роми ги имаат преземено доминантните ставови и стереотипи кон својата сопствена заедница, што доведува до тоа дури и во самите ромски средини да постои потреба од менување на перцепциите. Затоа, за време на месецот Рамазан, можете да издвоите еден ден во вашата локална џамија и да разговарате на овие теми за време на дерс. Тоа е можност не само за не-Ромите, туку и за самата ромска заедница да го преиспита својот однос и да пронајде начини на поддршка наместо исклучување.
За крај, садаката е повеќе од милостина – таа може да биде инструмент за социјална трансформација. Ако ја насочиме свесно, може да стане мост од улица кон училница, од стигма кон потенцијал, од моментална добрина кон трајна промена.
Авторката е активистка.
