25 минути

Како не ја заслуживме Ленче Ристоска

Тогаш кога премиерот Мицкоски ја соопшти елиминацијата на Ленче Ристоска за државна обвинителка, на ужасното мнозинство, на целата држава ѝ олесна. Иако оваа одлука на Владата сѐ уште не е официјална, сите 4 имиња на кандидати се на маса, премиерот правилно постапи што предвреме и навреме нѐ информираше дека само тој и никој друг не одлучува за судбината на оваа држава.

Демократијата е незгодна форма на опстанок. Низ вековите, пропаѓале и снемувало многу жени и мажи како Ленче Ристоска, како никогаш и да не постоеле. Нивните следбеници и поддржувачи завршувале слично, гонети, прогонувани, елиминирани. Незгодната работа што во меѓувреме се раѓале и никнувале нови и нови Ристоски, насекаде, наеднаш, ненадејно. Еднакво, само уште во стотици илјадници, за да се претвораат во милиони, се множеле и нивни поддржувачи и следбеници.

Така демократиите полека се формирале, обликувале, опстанувале и процветувале. Поминувале векови, се леела топла, густа крв, паѓале и станувале, се бореле, не се откажувале. Демократијата е смешен систем за земја како оваа. Трисетина години се недоволни за Ленче Ристоска да стане главна обвинителка во државава, но што прават сите останати, она интелектуално, просветителско јадро кое низ историјата било и сѐ уште е моторот и сржта на борбата за поставување на темелите на демократијата. Тоа никогаш не се граѓаните, но тоа воопшто не ги исклучува од тој мачен тежок пат, напротив, еднакво и тие полека, како и просветителите, чекор по чекор, година по година, стануваат и паднуваат, но повторно се креваат за да станат следбеници на онаа клучна сила на интелектуалци кои ја водат државата и борбата за градење на демократските вредности и принципи.

Затоа и главната тема во оваа земја деновиве не е Ленче Ристоска, туку потребата од нов владин авион и стравувањата на премиерот дека ако уште еднаш стапнат во таа крнтија и канта од превозно средство, многу лесно може да им биде и последен. Ретко кој тука се осмелува да им каже дека демократиите функционираат според заслуги. Има многу малку храбри гласови кои излегуваат јавно и ѝ велат-не-на власта.

Не, не сте заслужиле да имате нов владин авион, а дотогаш, додека не покажете дека навистина чесно и одговорно им служите на граѓаните, заборавете го овој небезбеден авион, отпишете го. Возете се и клацкајте се низ кантите и крнтиите од градски и меѓународни автобуси, шетајте го светот на начинот на кој мнозинството во оваа земја секојдневно е понижувано и газено. Делете го изживувањето со луѓето кои буквално секој ден со часови чекаат да се смилуваат автобусите да застанат, за да влезат во скапаните кутии, кои властите им ги нудат како превоз.  Делете ги сите понижувања со граѓаните со кои го  дишете отровот од воздух, конечно тоа е истиот смртоносен  воздух кој заеднички го разменувате.

Или не? Службените автомобили се оградата и филтерот на гласната радост дека ништо од тоа не делите, не споделувате, немате ништо заедничко. Затоа и замислувате дека не стапнувате на земјата, дека летате доволно високо, неверојатно високо над сѐ и секого, премногу наивно и аматерски, за да не дознаете дека и само затоа се треснува најсилно можно.