Сите се шокирани и револтирани како Артан Груби се врати во Македонија-насмеан и опуштен, како да го чека Нобелова награда, со категорија која и воопшто не е нова во оваа држава. Победникот овој месец е тој- а Нобеловата има старо, веќе излитено име- “ Како систематски да играте мајтап со државата и да ги правите сите будали, а во исто време да бидете наградуван низ годините”.
И што е сега важно, како и зошто избегал, каде се наоѓал сето ова време, зошто воопшто се вратил, како само за него и неговото семејство безбедноста во Шутка не е гарантирана и клучното прашање- доколку биде осуден, што ќе се случи со безбедноста, со гаранциите, со лагите и манипулациите. Ништо нема да се случи, ќе се заборави како да не било, како и што се се избришува од колективната меморија на оваа земја.
Само пред некоја недела ги имавме мозоците на психијатриски пациенти кои биле транспортирани во Америка, се сеќавате на тоа? Да не бидеме смешни, но секако дека не, кој е будала да се товари со мозоци, да се оптоварува со правда и борба за право и ред, кога и онака секогаш на менито е неправда, неказнивост, неодговорност, заборавање, бришење, криење, голтање и преживување. До следната афера, наредниот ден.
Така и никој веќе не памти зошто најмногу летови имал владиниот авион во Будимпешта, зошто воопшто таму летал, без никакво објаснување, отчет, обврска за објаснување на даночните обврзници каде по ѓаволите се трошат нивните пари. Секако дека сте го заборавиле ѕидот со педантно подредените 350.000 евра во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов. Тој кутриот, само тој од сера корумпирана професионална армија функционери мораше да ги откорнува од душата семејните пари, крваво заковани низ телото. Затоа што душата не е конкретен орган, не може да се лоцира и излечи, таа боли насекаде, сѐ додека не се струполиме засекогаш.
Сме заборавиле ние сѐ, и не само на оваа власт, оваа е година и нешто, се ближат две, но што е тоа важно. Сѐ додека ѝ памтат на СДСМ, за што немам против, но во исто време го заборавија како да не бил никогаш Груевски, а патуваат најмногу во Будимпешта со владин авион, ќе се молчи и толчи, бескрајно, засекогаш. Затоа, добредојде Артан Груби, ова е земја за тебе секако, но не и за нас, апсолутно не и за нашите деца.
