25 минути

Јавајте коњи во коњушарницава од земја

Досега не сме имале ваков претседател на Уставниот суд, каков што е Дарко Костадиновски. 

Свесен за светот во којшто живееме, особено свесен за земјата во која се заколнал дека ќе им служи на граѓаните, какви и да се, што и да се, дали воопшто токму ли се. Дебатите за Сејф сити тој ги заклучи и им стави една убаво заокружена точка, за да престанат сите конечно, засекогаш, воопшто да ги ставаат на маса. 

“Според сите статистики, нашата држава е европски рекордер по жртви настанати во сообраќајни несреќи. И тоа е наша реалност. Тоа значи дека возилата станале оружје. Епа тој што сака да вози возило, ќе си поседува и мобилен телефон, а ќе си поседува и мејл. Затоа што живееме во таков свет.

Ако не–ќе си оди со коњ, ако е можно и каде е можно“изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.

Во држава во која според статистиките на Уницеф, секое трето дете е сиромашно, нема големи дилеми како изгледа земјава. Една голема коњушарница, во која немате голем избор, немате воопшто избор освен да бидете третирани како коњи кои ги влечат кочиите во кои се возат највисоките, најважните, најтажните избраници на народната волја, соочете се со смешната вистина.

Шталата од земја во која живееме е најдобрата понуда, таа е и едиствената опција која ја имаме во моментов. Ова е реалноста која ја знаеме сите, но малкумина се свесни за реалниот живот кој е распослан пред нив, сено и слама за спиење, а истата понуда е на мени и на трпезата. Болката се зголемува со фактот што  е прескапо да изградат сопствени коњушарници зад зградите или кепенците од куќарки кадешто живеат.

Во шталата завршуваат и барањата на Албанците за користење на албанскиот јазик во известувања, предупредувања или санкционирања преку системот „Сејф сити“, за што тие бараат тоа да биде сторено на албански јазик. Не се ни тие изземени од коњушарницава од земја. Што им преостанува освен да можат да ги јавнат коњите, како и Македонците, сите заедно да одгалопираме и заминеме во некој подобар, поправеден свет.

Во ред, нека не се користи албанскиот јазик во Сејф сити, но само под еден услов- да се објасни зошто. Тоа е наједноставното прашање на овој свет-зошто? Со какви пречки се соочува Уставниот суд, кој им е проблемот да се користи албански јазик за ваква тривијална, банална алатка. И каде точно е проблемот воопшто да се користи албанскиот јазик, никогаш нема докрај да ми стане јасно.

Зошто некои Албанци не сакаат да го научат македонскиот јазик, зошто некои Македонци одбиваат да започнат да го учат албанскиот јазик. Зошто не може сите заедно да живееме во еден слободен, праведен свет, нов, прекрасен свет.