25 минути

Тишина која убива-како системот повторно ги угнетува жртвите на насилство

Авторка: Ениса Еминовска

Експертка- Превенција и заштита од родово-базирано насилство 

Трагедиите со Ивана и малата Катја го скршија срцето на македонската јавност, но очигледно, само го испаничија системот. Наместо суштинска реформа, сведоци сме на опасен феномен: институции кои „се перат“ од одговорност преку присила врз жртвите и терор врз сопствениот оперативен кадар. Додека МВР и МТСП се обидуваат да ја смират сопствената нечиста совест, тие создаваат нов пекол за оние што треба да ги заштитат. 

Системска парализа наместо заштита 

Полициските службеници на терен сега се соочуваат со невозможен притисок. Наместо поддршка и јасни насоки, тие добиваат индиректни наредби за „превенција по секоја цена“, која во реалноста изгледа како секундарна виктимизација. Присилувањето на жртвите на медицински прегледи од по 4 часа без нивна согласност не е грижа — тоа е присилна контрола и повреда на телесна автономија. Присилување на медицински процедури исто како и спречување на медицинска нега е насилство. А кога е извршено од позиција на моќ и контрола (полиција – жртва), станува родово-базирано насилство. Лекари не би смееле да прегледаат никого доколку тоа лице е под принуда и нема информирана согласнот. Целта на прегледот не е да се докаже дали имало насилство или не. Целта на прегледот е да се санираат повреди, упати на дополнително лекување по потреба, итн. Давањето податоци од полиција на Центрите за социјална работа (ЦСР) без дозвола на жртвата е директно кршење на доверливоста и безбедносниот протокол.

Зошто „институционалната агилност“ е всушност опасна? 

Златниот стандард во светот е јасен: Пристап насочен кон преживеаната (Survivor-centered approach). Тоа значи дека жртвата е таа што ја враќа контролата врз својот живот. Таа избира што и е потребно и кога. 

Секој ненајавен упад на социјален работник во домот или ненадеен телефонски повик без претходна координација со жртвата, не е чин на спасување, туку директно загрозување на нејзиниот живот – со ваквата невнимателност, институциите буквално ѝ цртаат мета на нејзиниот грб. 

Ако насилникот е таму, ако го контролира телефонот или движењето, ваквиот „увид“ е директно гориво за нова епизода на насилство. Очекувате ли насилникот да има „разбирање“ за процедурите на МТСП? Насилството е секогаш избор кој насилникот го прави, а државата со својата несмасност му дава нови причини да го оправда тој избор. 

Наследството на „ПР-реформите“ и административниот хаос 

Денешниот хаос е директен дериват на политиките на минатите раководства, каде системот на „управување со случај“ (GBV Case Management) беше воведен како звучна фраза за пред камерите на Мила Царовска, но никогаш не заживеа како функционална поддршка за теренските работници. Имаме социјални работници кои се претворени во административни извршители. Тие ги присилуваат жртвите да доаѓаат во канцеларии само за да потпишат изјава дека „не сакаат помош“, само за да се затвори предметот и да се покрие нечиј грб во случај на нова трагедија. Ова не е социјална работа. Ова е пополнување на алиби за институциите. 

Губење на тријажата: Кога процедурата е поважна од животот  

Пристапот на сеприсутност е системска стапица која води кон целосно слепило за критичните случаи. Со воведувањето крути и униформни процедури за секоја пријава, без оглед на спецификите, се раситнува способноста за професионална тријажа. Наместо ресурсите и енергијата да бидат прецизно насочени кон жртвите во екстремна опасност, тие се расплинуваат во бирократски лавиринт. Резултатот е погубен: системот е „презафатен“ со пополнување архиви, додека вистинските ‘црвени знамиња’ остануваат невидливи во шумата од хартија сè додека не стане неповратно доцна.  

Парадоксот на граѓанскиот сектор 

Поразувачки е што дел од граѓанскиот сектор, кој треба да биде коректив и глас на жртвите, ја поздравува оваа институционална агресија како „почеток на функционирањето на системот“. Дали функционирање на системот е кршење на човековите права и секундарна виктимизација? Дали Истанбулската конвенција стана само украс на полиците, додека во пракса ја игнорираме автономијата на жената? 

Тишината што убива 

Последицата од овие погрешни практики е предвидлива: Мрак. Кога жртвите ќе разберат дека пријавувањето насилство значи влегување во нов лавиринт на присила, малтретирање по болници и ненајавени посети кои им ја загрозуваат безбедноста, тие ќе престанат да пријавуваат. Бројките ќе опаднат, статистиката ќе изгледа „подобро“, а во домовите ќе владее смртоносна тишина. 

А во тишината, како што добро знаеме, насилството единствено цвета. 

Додека чекаме системот да созрее и вистински да се погрижи за своите професионалци и граѓани, препораката е: за секој институционален притисок обратете се кај Народниот правобранител. Кога внатрешните контроли на МВР и МТСП потфрлаат во етиката, единствената одбрана останува надворешниот мониторинг.