25 минути

Делува невозможно, но ете го историскиот прозорец за нов балкански поредок

Од Емил Кирјас

основач на Кирјас Глобал,

потпретседател,

Либерална Интернационала

Изминативе четири години, дипломатскиот канал меѓу Скопје и Софија беше дефиниран од заморен циклус на недоверба, историски поплаки и привремени влади. За просечниот набљудувач, песимизмот што се натлоложи над македонско-бугарските односи не е само логичен – тој е и заслужен. Но, овој мај 2026 година, тектонските плочи на регионалната геополитика се поместија.

Именувањето на Велислава Петрова-Чамова за министерка за надворешни работи на Бугарија, под силниот мандат што го освои Румен Радев на априлските избори, претставува многу повеќе од обична кадровска промена. Тоа е сигнал за фундаментален премин од „историска конфронтација“ кон „институционален прагматизам“. За првпат по една генерација, сведоци сме на усогласување на моќта што може да го преврти преовладувачкиот песимизам наопаку.

Технократски пресврт: Од историја кон поглавја

Именувањето на Петрова-Чамова за шефица на бугарската диплиматија може да покаже дека ерата на „историски потпалувачи“ во Софија отстапува пред ерата на институционалистите. Министерката е технократ од највисок ранг – школувана на Кембриџ и инсајдер во Брисел кој одлично ја познава европската машинерија. Нејзиниот профил сугерира дека претпочита „македонското прашање“ да го врами низ правна усогласеност и европски стандарди, како дел од т.н. француско-евроски компромис во кој самата учествуваше, наместо низ емотивна реторика.

Тоа е токму она што му треба на регионот. Со поместување на фокусот од идентитетот на личности кои одамна не се меѓу живите, кон законските права и институционалните критериуми на луѓето кои живеат денес, може да се изнајде „хируршки“ пат напред. Овој технократски пристап отвара можност политичко покритие на двете страни: ѝ овозможува на Софија да прогласи победа на „владеењето на правото“, а на Скопје да прогласи пробив базиран на „европски уверувања“.

Моќта на два силни мандати

Во политичката наука често гледаме дека најтешките компромиси не ги прават слабите лидери кои бараат консензус, туку силните лидери кои можат да си дозволат да бидат храбри.

● Во Софија: Триумфалната победа на Румен Радев му даде мандат да го затвори т.н. македонско досиепод негови услови. Тој веќе нема потреба да им се додворува на малите, радикални националистички партнери. Тој може да води од позиција на неприкосновена моќ.

● Во Скопје: Христијан Мицкоски има речиси апсолутно мнозинство во Собранието. Тој го поседува домашниот капитал да го изведе она што јас би го нарекол „Мицотакисов пресврт“ – трансформирање на исцрпената популистичка енергија од минатото во прагматично државништво на владејачката десница.

Кога двајца лидери со таков авторитет гледаат преку границата, тие не треба да гледаат огледало на сопствената мината реторика, туку партнер со кој конечно можат да ја затворат книгата на споровите од 19-тиот век. Тие имаат моќ да престанат да ги интерпретираат односите и да почнат конечно да ги дефинираат.

Новата геополитичка гравитација

Надворешното опкружување е исто така радикално поедноставено. Неодамнешниот пад на владата на Орбан во Унгарија и подемот на Петер Маѓар ефиксно ја растворија „Илибералната интернационала“ на Балканот. Стратегијата „чекај и види“ – надевајќи се дека десничарскиот бран или чадорот од Будимпешта ќе го решат проблемот-е официјално препуштена на историските читанки.

Понатаму, заканата од целосното „откачување“ (decoupling) на Македонија од пакетот со Албанија повеќе не е теоретско предупредување, туку економска реалност. Додека Албанија и Црна Гора забрзуваат кон целната линија, Македонија ризикува да стане „геополитички остров“ на стагнација. Бизнис елитите и помладата генерација нема да му простат на државното раководство што ја губи трката со Тирана поради протоколарен спор околу некое знаме или преамбула.

Заклучок: Критичен шестмесечен период

Често велам дека да се биде либерал значи да се биде „непоправлив оптимист“ за иднината. Денес, тој оптимизам е заснован на ретко усогласување на стабилноста.

Се наоѓаме во критичен шестмесечен прозорец (мај–декември 2026). Ако Радев и Мицкоски најдат храброст да го фатат овој бран, нема да бидат запомнети како луѓе кои наследиле статус-кво, туку како големи лидери кои создале нова историја. Тие можат да ја претворат „железната завеса“ на Балканот во мост за инвестиции и просперитет.

Алатките се на маса. Технократите се на позиции. Мандатите се осигурани. Останува само едно прашање: Дали се подготвени да бидат државниците што нивните граѓани ги заслужуваат?