Во шок и неверување прочитав дека пропаднал вториот пензиски столб. Дозволете и јас да се послужам со овие зборови на најевтините, жолти медиуми, кои секако дека заработуваат најмалку 10 пати повеќе од мене. Во оваа држава колку повеќе се трудите да сте критични кон сите што имаат моќ, сеедно од која партија се, толку повеќе ви е загарантирана пропаста.
Осиромашена припадничка на нула класата, тоа сум јас и многумината како мене, а вие слободно мислете и понатаму дека сум неписмена, дека таква класа воопшто и не постои, но, размислете добро. Тоа е пресвртот, навистина за мене и некоја голема група луѓе стана недостижна ниската класа.
Со гарантирана веројатност Мицкоски е сосема во право што стравува дека јас, како и сите пропалитети како мене, ќе имаме пензија помала од сегашната минимална плата. Затоа што, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) не ги префрлал редовно парите во вториот пензиски фонд иако има обврска тоа да го прави во рок од пет работни дена. Ова го констатирал ревизорскиот извештај за работата на Фондот за пензиско за 2024, со што долгот на ПИОМ кон вториот пензиски столб е 42 милиони евра. Со ова директно се оштетуваат осигурениците, затоа што тие пари не се на нивната лична сметка, не се инвестираат и не носат принос.
Затоа и изборот за единствена моја животна спасителка е во министерката за финансии, Гордана Кочовска. Таа го најави на тоа што јас со децении се надевам. Дека ќе работам до последниот здив, сѐ додека не ми се стресат доволно рацете и клапнат, за да не можам повеќе да напишам ниту збор. Смејте се вие, ама колку повеќе сте критични во оваа моја професија, и тоа кон сите што имаат некаква моќ, толку повеќе си потпишувате повеќе банкарски кредити, невозможност да преживеете, тешки години кои немаат крај. И се разбира, потсмевање од оние кои имаат моќ, затоа што таа моќ ја црпат од власта, партиите, преку ноќ збогатените, а сите заедно прават сѐ за да служат на некакви и нечии интереси.
Затоа е добро што Мицкоски ја именуваше Гордана Кочовска за министерка за финансии. Таа веднаш сфати дека спасот за нула класата како мене е во зголемување на старосната граница за пензија. 73 години, дали може? А зошто да не? Повеќе е веќе премногу, конечно, мали се и шансите да се живее повеќе од тоа, земајќи ја во предвид животната граница во земја во која и тоа е премногу, согласно квалитетот на живот. Со мизерната плата ќе туркате некако, но со минимумот од пензија никогаш, никаде.
Она што ме фасцинира е сосема друг проблем. Порталот “Сакам да кажам” во одличниот текст на Ана Антевска, многу педантно ја анализира хронологијата на пропаста на пензискиот фонд. Многу години претходно, во 2019, Мила Царовска, како тогашна министерка за труд и социјала, “објави скандалозни податоци дека на 12.000 осигуреници со години не им биле префрлани парите во приватните пензиски друштва. Тогаш од државниот Буџет беа одвоени 19 милиони евра за покривање на овие долгови кон приватните друштва, а одредени осигуреници беа обесштетени и за приносот кој би го имале во приватните пензиски друштва”, пишува Антевска за СДК.
Наместо сега да се бара, да се инсисира на истрага за пропаднатиот втор пензиски столб, Македонците се длабоко навредени и повредени што ќе се зголемувала старосната граница за пензија до 73 години. Не само што е пред пропаст пензискиот фонд, за што исто така е неопходна истрага, туку и вториот пензиски столб е празна дупка за што никој не се вознемирува, ниту пак бара веднаш да постапат истражните органи.
Граѓаните во оваа земја мислат дека вечно ќе може да царува корупцијата, како и пумпање на администрацијата, а тие покорно ќе работат и за криминалите на политичарите и армијата функционери, за сите уживатели на администрацијата. Сироти луѓе, не се свесни дека ги хранат сите паразити во државава, што цицаат со децении, додека пропаста никому не му е очигледна.
Македонците молчат за сопственото секојдневно осиромашување, експресно умирање од уништеното здравство, загадениот воздух и храна, додека ги бијат тажните битки со Бугарија и Грција, кои им се сервираат секојдневно, како замена за нормален, достоинствен живот.
Во целата приказна, СДСМ наместо да инсистира на истраги за сите овие криминали со Пензискиот фонд, се фокусира на обединување на целата опозиција, наместо да создава пријатели од критичарите кои ги доживува како непријатели, ја уништува и она малку поддршка.
Навредени и повредени, лути и бесни, скандализирани од сите оние кои поинаку мислат од нив и бараат елементарни реформи во Партијата, ги заокружуваат со црвен фломастер и ги лепат сликите како Миленко Неделковски што нѐ бесеше на паното во Канал 5, во време на груевизмот. Игор Шема, како потенцијален лидер на фракцијата на СДСМ, сите тие луѓе кои се принудени да разговараат по хотели, наместо во Партијата, потоа Петар Арсовски како ПР експерт и политички аналитичар, сите се прогласуваат од СДСМ за смртни непријатели, додека луѓето во оваа земја тонат и се дават, сите, буквално сите во оваа земја, кои се надвор од привилегиите и канџите на власта. Штета, навистина голема штета.
