Автор: Емил Кирјас, Кирјас Глобал
Сакам да започнам со едно сеќавање.
На 13 април 2018 година стоев во Европскиот парламент во Брисел, во сала исполнета со либерални лидери од целиот континент и тогашниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан. Тогаш предложив нешто што во
тој момент звучеше речиси провокативно: забрзано и постепено членство за шесте земји од Западен Балкан — Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија — преку постепено воведување на правата и обврските од членството, директно поврзани со реалниот напредок што секоја држава ќе го постигне.
Само неколку моменти претходно, Европската комисија објави дека членството на регионот е „веројатно по 2025 година“. Се сеќавам дека
тогаш си помислив: кој од нас може со сигурност да опише како ќе изгледа светот една деценија подоцна? Дали навистина можеме да бараме од граѓаните на шест држави своите политички животи, своите надежи и своите реформски агенди да ги организираат околу датум што е толку далеку?
Ние немаме луксуз да оставаме празнини во европскиот простор — празнини што други, далеку помалку наклонети кон европскиот проект, со задоволство ќе ги пополнат. Тогаш тврдев дека преговорите за Брегзит, како и претходните бранови на проширување, треба да нè инспирираат да размислуваме покреативно: чекор по чекор, блок по блок, наместо да очекуваме една долга неизвесност, проследена со еден единствен голем скок.
Осум години подоцна се најдов себеси како го читам француско-германскиот
non-paper од 4 јуни 2026 година, „Нов импулс за проширувањето“, потпишан од претседателот Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, во
пресрет на самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват и самитот ЕУ–Молдавија во јуни.
Додека го читав документот, чувството не беше дека пред мене се наоѓа нова европска политика. Повеќе личеше како да читам записник од состанок за идеи што ги застапувам уште од 2018 година. Во меѓувреме се одржа и Самитот во Тиват. Се одржа и Самитот со Молдавија како и „супер
вторникот“ кога во еден ден се одржаа четири пристапни меѓувладини конференции со Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина.
Сега, кога овие јунско-јулски настани се зад нас, време е да направиме трезвена проценка: што навистина беше потврдено, што остана нерешено и каде всушност, ќе се води вистинската битка.
Од Брисел 2018 до Љубљана 2021
Идејата од 2018 година не остана само идеја. Во октомври 2021 година, на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Брдо кај Крањ, Словенија, бев еден од архитектите на документот што подоцна стана познат како Љубљанска
декларација на ЛИБСЕН (LIBSEEN), потпишана од лидерите на либералните партии од Југоисточна Европа. Тој документ отиде чекор подалеку од еден говор и се претвори во јасно формулирано политичко барање, запишано на хартија и придружено со конкретни временски рокови. Поточно, побаравме земјите од Западен Балкан да добијат набљудувачки статус, без право на
глас, во Европскиот парламент уште пред изборите во 2024 год. — тоа се години
пред полноправното членство, а не по него. Побаравме и внатрешните реформи на Европската Унија — оние што се неопходни за Унијата ефикасно да функционира со поголем број членки — да се спроведуваат паралелно со процесот на проширување, а не да служат како предуслов што бесконечно ќе го одложува. Во документот побаравме брза имплементација на Регионален економски пазар, целосно усогласен со правилата на Европската Унија, надградувајќи го Берлинскиот процес.
Воедно поставивме и јасен хоризонт: целосна интеграција на Западен Балкан до изборите за Европскиот парламент во 2029 година, преку транзициски механизми што ќе им овозможат на европските институции
непречено да функционираат додека новите членки постепено се приклучуваат.
Следната недела во продолжение: Што навистина предлага француско-германскиот Non Paper од 2026 година
