25 минути

Зошто ви стана сеедно?

Иако сите се шокираат што поранешниот вице-премиер за добро владеење, Арбен Фетаи што со месеци не одеше на работа е награден, наместо казнет, ако добро се размисли, неговото испраќање во ЕУ како специјален претставник има одлична поента од страна на Владата. Затоа што, Фетаи сега ќе мора секојдневно да им објаснува на ЕУ земјите зошто луѓето во оваа земја пијат вода со фекалии, зошто цели села и градови се ставени под забрана за пиење на вода. Зошто основното човеково право-вода и воздух се поништени во оваа земја.

Владата на Мицкоски тука тешко да може било што да објасни, и сосема во право е, нема потреба, ова е најлесното владеење во историјата, на огромното мнозинство на луѓето им стана сеедно, убедени се дека необјасниво станува, парализирани од сопствената глупост.

Мојата колешка од ТВ 24, дописничката од Охрид, Адријана Митевска-Момироска, беше шокирана што јас бев шокирана за вестите кои ги објави пред некој ден:” Вода од чешмите сè уште не смеат да пијат ниту жителите на охридските села Велестово и Елшани, каде што беше детектирано фекално загадување. Жителите на Сушица, Зубово, Дражево, Борисово, Колешино, Ново Коњарево, како и на улицата „Првомајска“ во Ново Село, привремено не смеат да ја користат водата од чешмите.

Во Охридскиот регион, дури 90 проценти од селските водоводи се сè уште под надлежност на месните заедници, кои немаат ниту финансиски, ниту технички ресурси за редовна дезинфекција, која е клучна за уништување на бактериите во водата.

Експертите предупредуваат дека ваквите дефекти не се случајност. Загадувањето најчесто настанува кога фекални води од блиските септички јами или сточарски објекти продираат директно во изворите и во застарената водоводна мрежа — проблем кој со децении се повторува во руралните средини. Дополнителен ризик е системската неподготвеност.”

“Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или, бидејќи се наоѓаат на самиот брег од плажата, понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото“, потенцирано е во извештајот на Институтот за јавно здравје, во кој се додава дека загадувачи се и шанковите поставени на самиот брег на езерото, односно на самите плажи.

Вчера прочитав дека Општина Кичево ги извести граѓаните дека е воведена привремена забрана за користење вода за пиење од шест водоснабдителни објекти, по добиено решение од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Гостивар веќе се помири со катастрофата. Онака како што одамна се помирени луѓето во оваа земја. Со водата и воздухот. Со здравствениот колапс, со докторите и медицинарите чиј крик никој не го слуша. Со дивоградбите и предупредувањата на експерти, архитектите и градежни инжинери, дека на Водно не смее понатаму да се гради, дека Скопје стана црна точка, каде паѓаат дрвјата и се затвораат пристапи за амбулантни коли, Брза помош, пожарникарски коли, на луѓето со колички, кои едвај се крепат и одат, на целава земја, која паѓа и не може повторно да стане. 

Во оваа држава катастрофата е одамна дојдена, само за неа огромното мнозинство молчи. Единствениот глас е на онаа мала преостаната бројка на луѓе, научници, експерти, професионалци во својата област, кои се обидуваат да ги вразуват сите преостанати.

Тие останати се клиентите на партиите, директори и директорчиња, шефови и шефчиња, послушните со наведнатата глава, важни и одушевени што удобно се распослале насекаде, вработени со партиска книшка заради која и го  појат и хранат населението со фекалии. Тоа е понудата и на нивната трпезата, но кој да им објасни, кутрите, изгубени тие во канализацијата, кои сами ја создале а немаат појма дека кога пуштиле вода, се удавиле во неа.