25 минути

Први во Европа, но поточно по што?

Чувствувате годост како го замислува светот директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Ивица Томовски, само според една реченица: “Мора да имаме владин авион, ако сакаме да бидеме сериозна држава“.

Не мора да имаме чиста вода и воздух, храна без пестициди и забранети состојки за да бидеме сериозна држава. Не ни требаат авиони за гасење на пожари и за прскање од комарци. Што е важна ужасно високата смртност од западнонилска треска, зошто би бил важен пустошот кој го оставаат летните шумски пожари, зарем така се дефинира сериозноста на една држава? Така не изгледа светот низ историјата на човештвото, така не функционира нормалниот живот на оваа цивилизација.

Приоритетите се определуваат според потребите на власта, никогаш според интересите на оние кои ги избрале за да им служат. Се разбира дека никој нема против да се купи авион за власта, доколку тоа подразбира сериозна држава во нивните очи. Конечно, ние се раѓаме и умираме во оваа држава само за да ги исполниме ваквите неопходни и итни потреби на оние кои знаат дека владеењето подразбира целење на највисоките стандарди кои се пружаат на луѓето заглавени во земјава, посакувајќи да се обезглавени, за да не слушаат и гледаат повеќе. Тие стандарди и критериуми за сериозна држава се еднакви на просечна африканска држава изјадена, изглодана од корупција и криминал, на која авионите и сите можни привилегии и удопства се единствената трага која ја оставаат во историјата.

Делата вредат, видливи и опипливи, но далеку поголема радост секако дека пружаат френетичните говори за најголем економски раст, на плати и пензии, први во Европа, понекогаш паѓаме како втори, тоа боли, но никогаш последни. Тоа место е резервирано за оние кои не знаат колку краци има знамето, па додаваат и надградуваат за официјално да се прослават 35 години на независноста.

Експлозијата на бројките на краците од оние кои се одговорни за нив се објаснува  како уметничка инсталација и слобода, за која гинеле нашите предци, за да им ја подарат, за да не размислуваат што понатаму. За да им овозможат да ја толкуваат сега слободата онака како што изгледа драматичен пад на интелигенцијата.

Највредните и најголемите, најсветлите и најважните, тие луѓе кои ја донеле слободата на оваа земја, не знаеле понатаму во што ќе се претвори нашата слобода. Ниту помислиле како ќе изгледа дефиницијата за сериозност на државата, тогаш кога го дале својот живот, тогаш кога биле подготвени на сѐ, само да добиеме ние држава.

На 35 години независност изгледа токму вака, како што ја гледаме, а не како што слушаме, кога се говори дека сме прваци во Европа. Ќе остане запаметена оваа држава по алчноста и глупоста, по дното пред сѐ, што секако дека подразбира желба да се копа најдлабоко што може, за да се сервира дно на дното. Ете, така изгледа сериозна држава, нели?