Од Емил Кирјас, Kirjas Global
Постои една разлика — суптилна, но одлучувачка, помеѓу тоа да говориш дека сакаш да влезеш во Европа и тоа да знаеш што сакаш кога ќе влезеш. Помеѓу тоа да ја знаеш географијата на континентот, и тоа да знаеш што да кажеш кога ќе стигнеш на масата. Помеѓу тоа европската иднина да ти биде слоган — и тоа да ти биде стратегија.
Македонија ја познава таа прва половина до совршенство. Втората — не. И токму тоа, во август 2026, кога Европската Комисија на 30 септември треба да испорача конкретна архитектура за претпристапна интеграција, е проблемот кој дипломатите и аналитичарите во Брисел го именуваат со еден збор: зачудувачка отсутност.
Дипломатија без дипломатска агенда
Деновиве Скопје го организираше Собирот на амбасадори — прв од таков обем по подолг период. Ваквите собири имаат смисла само ако имаат содржина: нова стратешка насока, конкретни задачи, јасно артикулирана позиција со која дипломатскиот корпус излегува на терен. Собирот го имаше форматот, но дали некој забележа некаква значителна содржина, како што беше таа на нивните хрватски колеги каде специјална гостинка беше Комесарката за проширување Кос која говореше за стратегиите за идната реформирана Европа.
Трите „стратешки приоритети” презентирани пред македонскиот дипломатскиот состав беа: заштита на националните интереси, економска дипломатија и грижа за македонските граѓани во странство. Ова не се стратешки приоритети за 21-виот век. Ова е базичен опис на работните задачи на секое министерство за надворешни работи уште од 19-тиот век. Разликата е таа — и таа е огромна — помеѓу тоа да дефинираш каде одиш, односно што ти е политичката цел, и тоа да опишуваш како ќе чекориш односно да говориш за формата.
Во меѓународните дипломатски кругови, и тоа не е само мое читање, туку е едногласна оцена на соговорниците кои го следат регионот од Брисел, Париз, Берлин, Талин, Букурешт, Мадрид и земјите на Бенелукс — ваквото однесување на македонскиот државен врв веќе подолго време се дефинира со исти зборови: системска безидејност, отсуство на креативност, длабока институционална стерилност. Не ги кажувам овие зборови јас. Ги читам во нивните дописи и извештаи. Ги слушам во неформалните разговори. Ги добивам во пораките од луѓе кои се докажале дека ѝ сакаат добро на оваа држава.
Молкот кој не е стратегија, туку симптом
Доколку детално се анализираат јавните ставови на претставниците на највисокото државно раководство — на сите оние кои ја имаат највисоката одговорност за стратегиите, за европската агенда, за геополитичката позиција — зачудувачки е колку е конзистентно избегнувањето на јасни одговори. Нема одговор на прашањето каква визија се има. Нема одговор каде ја гледаат државата во европското семејство за десет или дваесет години. На конкретните прашања — за постепената интеграција, за EEA+ моделот, за преодните набљудувачки статуси — официјалниот одговор е непостоечки. Меѓународните дипломатски извештаи сè почесто забележуваат дека кај македонскиот државен врв отсуствуваат и анализата и одговорот.
Во јули, Комесарката за проширување Марта Кос беше во Скопје. Претставниците на институциите на ЕУ не доаѓаат туристички да се прошетаат до Македонија — тие доаѓаат да слушнат, да разговараат, да видат со кого работат. На масата требаше да има македонска позиција. Требаше да има барање за заштитни клаузули, конкретна листа на приоритети за финансиска поддршка соодветна на нашите реални потреби, јасен став за EEA+ моделот, за преодните набљудувачки статуси, за заштитните механизми за да не заглавиме во уште подолга чекалница до полноправното членство. Често во разговорите ширум Европа ме прашуваат: „Емил, што навистина сака официјално Скопје?“ Јас немам одговор кој да им го дадам. Не затоа што не го знам — туку затоа што Скопје, навистина, не дало никакво.
Постои разлика и помеѓу тоа да молчиш затоа што стратешки чекаш, и тоа да молчиш затоа што немаш што да кажеш. Едниот молк е дипломатска мудрост. Другиот е дипломатска празнина.
И тука доаѓаме до суштинскиот парадокс на насловот: македонските политичари се изгубени не во просторот, туку во времето. Европската географија ја знаат сите — денес дури и деца на другите континенти знаат на картата каде е Македонија. Поминувам значителен дел од мојот професионален ангажман во Африка, Латинска Америка и Азија, каде одблиску гледам колку брзо глобалниот Југ се трансформира и колку самоуверено ги застапува своите интереси на меѓународните форуми. Но географијата не е политика. Времето диктира иницијативност — и токму таа иницијативност, кога е најпотребна, ни недостига.
Реалноста од Загреб наспроти самозаборавот во Скопје
И тоа се потврди токму неделава која измина кога Комесарката за проширување Марта Кос се обрати на Конференцијата на хрватските амбасадори во Загреб. Она што го кажа не беше рутинска дипломатска изјава. Беше објавување на фундаментална промена на правилата на игра за сите земји кандидати. Кос го именуваше „Хелсиншкиот момент на нашата генерација”: тектонска реформа на проширувањето, напуштање на логиката „сè или ништо”, постепена интеграција пред членството, заштитни механизми против оние кои не ги исполнуваат обврските. И рече нешто што директно ја потврдува тезата на оваа колумна: „Нашите противници повеќе не им даваат време на нашите кандидати. Тие не чекаат трпеливо. Тие инвестираат. Тие вршат политички притисок. Тие создаваат зависности. Тие ја искористуваат несигурноста. Затоа мораме да се оддалечиме од логиката ‘сè или ништо’.”
Одговорот на ова дојде брзо од највисокиот државен врв дека „изјавата на Кос е дадена во поинаква конотација и таа не се однесува на Македонија.” Во меѓународните дипломатски кругови, оваа реченица веднаш се прочита со зачуденост. Не затоа што е политичка — туку затоа што е самоубиствена. Да се тврди дека фундаменталната реформа на процесот на проширување, реформа која важи за секоја земја кандидат, „не се однесува” на државата која стои во претпристапниот лавиринт — тоа не е дипломатска самоувереност. Тоа е потврда, во живо и во реално време, на насловот на оваа колумна. Македонското раководство е толку изгубено во времето, што одбива да ја препознае реалноста дури и кога таа експлицитно се кове пред нашите очи.
Постои разлика помеѓу тоа реформата да не ти се однесува — и тоа да тврдиш дека не ти се однесува. Едното е суверено право. Другото е самозаборав.
Кога ривали умеат, а ние не сме никаде
За да биде контрастот уште поостар: креативност и иницијатива гледаме дури и таму каде што најмалку се очекува. Претседателот на Србија, Вучиќ — кој во Брисел е често препознаен како лидер кој застранува од европските вредности — заедно со Премиерот на Албанија, Рама, напишаа заедничко писмо во кое точно кажаа што очекуваат од процесот. Иако се работи за геополитички архи-непријатели, тие излегоа со заеднички став: очекуваат полноправно членство веднаш — нешто што јас лично го говорам веќе осум години — а правата кои следат од тоа членство да се добиваат постепено, зависно од исполнувањето на условите.
Кога двајца архи-ривали умеат да артикулираат заедничка позиција, а Македонија во истиот процес не е никаде — оцената на надворешните набљудувачи, пренесена директно и еднообразно, е дека државата или е дипломатски глува или свесно избрала да биде ирелевантна.
Кога Париз и Берлин предлагаат градежни блокови за интеграција, државниот врв не излегува со модификација која би ги заштитила македонските интереси. Ниту нуди македонски модел на гаранции. Ниту поставува прашање. Постои разлика помеѓу тоа да седиш на масата и тоа да бидеш дел од разговорот. Македонија моментално е само прво.
Особено е тажно тоа токму кога се приближуваме кон денот на македонската независност, наместо да сведочиме на рафал од идеи, јавниот простор е исполнет со стерилна реторика. Независноста не е само датум. Таа е капацитет — капацитет да знаеш што сакаш и да умееш да го кажеш.
Следната недела: Три години по скринингот: Сѐ е јасно, ништо не е направено
