За земја што е прва по економски раст во Европа, совршено ѝ личи официјално пуштање на воз од Зелениково до Железничка станица, кој за жал, се расипа после два дена. Кога ќе станеме први на листата на светски економски гиганти, можеби ќе почне да се размислува иноваторски, за да се појави возот конечно и во самиот град.
Расипувањето на кутриот воз, колапсот на електричниот погон беше очекуван, сепак. Дури и да купите детска играчка во вид на пластичен воз со пруги и малечко кондуктерче со свирче и малку накривено капче, ќе мора да знаете како да го споите и приклучите.
А толку се радуваше и потскокнуваше правејќи пируети низ Кабинетот, таткото на градот, Орце Ѓеорѓиевски, опиен од чудото кое му се случи, селски воз од кој и детска ракета е побрза и постабилна, да не де лажеме.
Ох, каков невиден и нечуен подвиг се случил во историјата на револуционерни откритија, да профучи воз низ скопските селца и предградијата, за да закочи триумфално во распаднатата Железничка станица, која и не постои, сиромашката таа. За 35 години независност на оваа наша држава, ова кревко и вовче кое како да е полу-пијано се клати и разочарано се онесвестува, е симбол на нашата моќ. Дури не е ни еднаква таа моќ на најмалото, како зрнце штрафче на една Тесла на Илон Маск, додека властите тврдат дека сме станале милиметар од завртка на неговите вселенски бродови, толкав е подвигот на економскиот бум и експлозија. Како што тутка и уморно пуфка вовчето кое е повеќе спремно да колабира, отколку да се помрдне, толку направивме овие 35 години.
Скоро цела недела, а можеби е и повеќе, дишеме неидентификуван чад, во престолнината на оваа држава, чии граѓани молчат кога слават 35 години, приклучени на распаднати апарати од пробушена боца кислород.
Најголемите наши, обожаваните Маја Оџаклиевска и Калиопи, гости како Дејвид Гета и Хозе Карерас, ни даваат шанса за нов живот, но во тој поинаков и поголем свет, луѓето воопшто не се грижат што власта не ја објавува сумата која ја плаќаат за овие прослави на 35 годишнината. Затоа и кинеската пластикарија од вовче протутнува низ чадот и димот, затоа што заслугата за дебаклот припаѓа на тој молк на народот, а не на властите, жалам, но не се тие првите во тагата и клучот на вината.
