25 минути

Три години по скринингот: Сѐ е јасно, ништо не е направено

Од Емил Кирјас, Kirjas Global

Постои разлика помеѓу тоа да знаеш каде треба да одиш и тоа да тргнеш. Меѓу тоа да имаш мапа и тоа да чекориш.

Скринингот — завршен пред речеси три години во декември 2023 година — ги мапираше сите реформи до детал. Точно се знае што треба да се смени во правната рамка, регулативата, економијата, законодавноста, еколошките стандарди. Точно се знаат чекорите за искоренување на корупцијата, клиентелизмот и неказнивоста. Патот е трасиран. Сепак, нема формирано преговарачки тимови. Нема дебата во експертската и интелектуалната јавност за тоа како Македонија ќе настапи, кои заштитни клаузули ни требаат, каква финансиска поддршка ќе бараме. Анализата постои, но акцијата едноставно — не. 

Во меѓувреме, ако ја изоставиме Црна Гора која е на самиот финиш од преговорите, не само што Албанија се одвои од Македонија и ита кон членство во ЕУ, туку веќе и Молдавија и Украина отворија повеќе поглавја и нивните преговарачки тимови работат со полн капацитет. За сите кои однадвор ја следат Македонија, ова е повеќе од неразбирливо. Тоа е дијагностицирано: Македонија се наоѓа во „интелектуален ќорсокак” — состојба од која или нема капацитет да се излезе, или намерно се одржува за да се зачуваат комфорните позиции во домашната политика. Двете опции се подеднакво загрижувачки. Едната укажува на неспособност. Другата — на намера.

Никој не ја спречува Македонија да го следи трасираниот пат од скринигот и да се ограничува само на Реформската агенда, која кај нас се претставува како некаков врвен или алтернативен план по кој се чекори. Но Агенда не води до вистински организирана средена и богата европска демократија, таа е само мотивирачки изграден механизам за забрзување на реформите кои се мапирани во скринингот. Кај нас спроведувањето на она што е мапирано изостанува. Аргументот за блокирање однадвор е одамна исцрпен.

Запчаниците не се заглавени во Брисел, туку тие се заглавени дома. И тоа не е само критика, тоа е јавно укажување на она што е премногу очигледно по сите овие месеци, укажување кое доаѓа не само од мене, туку од сите кои со добра намера го следат македонскиот пат кон Европа.

Нешто опасно се случува

Наместо подготовка, се одвива нешто поинакво и позагрижувачко. Ресурсите на државата, наместо да се стават во функција на европскиот процес, се користат за нешто поинакво. Одлуките на владата вклучуваат измислени функции на скандализирачки начин, кој Брисел и европските структури многу брзо ќе го препознаат за она што е: неприфатлива епизода за една европска демократија на патот кон членство.

Несфатливо е, а тоа е оцена на сите кои го следат процесот, како македонските капацитети кои постојат во државата и во Европа едноставно се игнорираат. Амбасадите се полнат со луѓе кои немаат ниту кадарност, ниту професионалност, ниту искуство и капацитет, додека голем дел од шефовските места во дипломатско-конзуларните претставништва зјаат празни. Разликата помеѓу дипломатска мрежа која работи за државата и дипломатска мрежа која работи за одржување на статус кво — таа разлика е видлива. Ова е веќе премногу очигледно за да биде случајно. Премногу јасно делува дека е направено со намера.

Опасната илузија за „американска алтернатива”

Постои разлика помеѓу безбедносен чадор и економски модел. Едниот го дава НАТО — и ние веќе сме негови членки, со сè што тоа значи. Другиот го дава Европската Унија — и токму него го загрозуваме со секој ден на отсутност.

Деновиве, македонскиот премиер даде интервју за Бејтбајт Њуз, ултра-конзервативниот американски медиум, имплицирајќи дека Македонија за државата прв приоритет е стратешкото партнерство со САД а потоа членството во ЕУ, како некоја алузија дека може да конструира некаква алтернатива или рамнотежа наспроти ЕУ преку зближување со Вашингтон и нулти царински стапки со САД. Кога ќе се тргне партискиот маркетинг настрана, бројките немилосрдно го соборуваат тој наратив.

Енормни 78% од македонскиот извоз завршува на пазарот на Европската Унија. За споредба: кај Германија, една од светски водечките извозни сили, тој процент е 53%. Па и во еден Исланд кој минатиот викенд одлучи да го задржи златниот привилегиран статус кво за кој сонува Македонија и да не ги продолжи преговорите за членство во Унијата извозот во Унијата е нешто над 50%.

Значи, фактите се јасни, Македонија е економски поврзана со ЕУ подлабоко отколку и самата Германија или пак привилегираниот Исланд. Дури и Вашингтон утре да воведе нулта царинска стапка за македонски производи, прекуокеанската логистика, транспортните трошоци и отсуството на реален интерес кај американските корпорации за мал, континентално затворен пазар ја прават секоја идеја за „диверзификација кон САД” обична економска фантазија.

Дури и нашиот ИТ сектор и претстојните дата-центри се регулаторно и технички заварени за Европа, поради ГДПР и поради едноставната физика на преносот на податоци преку Атлантикот.

Постои разлика помеѓу тоа да ја мешаш безбедноста со економијата, и тоа да разбираш дека тие се две различни, иако комплементарни, страни на истата западна архитектура. САД и НАТО го даваат воено-безбедносниот чадор, а и тоа го имаме. ЕУ го дава социјално-економскиот модел на живеење, пристапот до Единствениот пазар, правната рамка, стандардите, фондовите. Тоа не го имаме уште. И тоа е токму она кон кое треба да одиме. Мешањето на овие две рамки не е суверена надворешна политика. Во меѓународните аналитички кругови тоа се именува со еден збор: аматеризам. И последиците се конкретни: со секој изгубен месец или година од членство во ЕУ, Македонија ги губи милијардите евра предвидени за членките, како што се веќе пресметатните над 3 милијарди евра неповратни средства за Црна Гора  — пари кои никој друг, ниту Вашингтон ниту кој и да е, нема да ги надомести.

„Главата опозиција“ без визионерска опозициска улога

Постои разлика помеѓу тоа да си во опозиција и тоа да вршиш опозиционерска улога. Едното е позиција. Другото е одговорност.

Партија како СДСМ, која продуцирала претседатели, премиери и го дала најдобриот министер за надворешни работи во македонската историја, Илинка Митрева — денес не е алтернатива која ќе им се понуди на државата како пандан и коректив на властта, со кадри кои постојано ќе говорат и ќе кажуваат што треба да се прави во секоја област од скрининг процесот.

Уште поапсурдно е што токму таа партија ја презеде раководната улога во Националниот совет за европски интеграции, и тоа лидерство не го конвертира во политика која ќе го инспирира транформацискиот карактер на прилагодувањето кон европските стандарди. Од Советот нема дебати, нема предлози, нема идеи, нема наметнување на визија, нема ни желба за дебата или ангажман на капацитетите кои ги има државата. И логични се прашалниците кои доаѓаат од круговите во Европа зошто и таму состојбите се такви.

Кога би имало лидерство и знаење би можело да сео користи за да понуди насока во отсуство на очигледната нежелба кај владеачката структура да ја придвижи Македонија кон европскиот квалитет на секојдневно живеење — во економски, правен, општествено-политички, еколошки и институционален продор. Тоа е бесплатен политички ресурс, кој со тоа што стои неискористен не само што се пропуштаат можностите туку и му се наштетува на самиот процес. За тоа дури и не треба да се измисли македонски модел, само треба да се погледнат успешните примери на пристапните процеси на некои од нашите соседи во поширокиот регион, како што беа Хрватска и Словенија.

Рамноправни таму каде не одиме

Постои и уште еден тип на отсутност, потивок, но подлабок. Македонија веќе е рамноправна членка во институциите каде, парадоксално, речиси и не се гледа: Советот на Европа со неговите правно обврзувачки алатки за човекови права и историски дијалози, мултилатералните форуми каде помалите држави можат да изградат влијание несразмерно на нивната големина.

Пораката која постојано ја добивам од меѓународните партнери е секогаш иста: „Инсистирајте на форумите каде веќе сте рамноправни — не само за да ги користите нивните постоечки одлуки, туку за да изградите нови ставови и одлуки кои ќе бидат во ваш интерес.” Таа препорака во Скопје поминува со молк. И тој молк, исто така, е одлука.

Пред 8-ми Септември: независноста бара позиција

Утре е 8 септември, ќе прославиме 35 години сами на своето во независна Македонија. Следат 30 септември и 15 октомври. Тоа не се апстрактни датуми, тоа се следните неколку недели. На 30 септември, Комисијата го доставува пакетот кој ги дефинира правилата на претпристапна интеграција за наредниот период. На 15 октомври, Европскиот совет расправа. Без сопствени позиции на масата, Македонија ќе биде само објект на туѓи одлуки, не субјект кој ги обликува.

Постои разлика, последна, но суштинска, помеѓу тоа да го прославуваш денот на независноста и тоа да ја живееш независноста. Независната држава не е само онаа со сопствено знаме и химна. Таа е онаа која знае што сака, умее да го каже и умее да го одбрани.

Македонија има способни луѓе, креативни умови и природно разбирање на мултикултурниот европски концепт. Тоа не е под прашање- ниту мое, ниту на меѓународните партнери кои сакаат добро на оваа држава. Под прашање е политичката елита која тие капацитети не ги поставува во функција на државата.

Времето го диктираат другите. Просторот е јасен. Само позицијата ни недостига и таа мора да се дефинира сега, пред септември, не по него.

За повеќе анализи за проширувањето на ЕУ и политиката на Југоисточна Европа, следете го Kirjas Global