Со аплауз и овации го прифативме предлогот на Стопанската комора, за “нов модел на уредување на неработните денови, според кој секој вработен би имал право на до 13 или 14 неработни денови во текот на годината. Целта е да се воспостави подобар баланс меѓу правото на празнување, рамноправниот третман на граѓаните и потребата од непречено функционирање на економијата”.
Велите, зошто одушевување, зошто аплауз? Затоа што сите овие мерки се одлично решение за администрацијата, која официјално брои 130.000 луѓе. Времето на Ковид епидемијата покажа дека оваа држава може апсолутно да функционира со минимален број на паразитската администрација, но и безмилосно отстранување на функционерите, таа инвазија на канцерогени ткива, кои функционираат од цицање на крвта и потта на чесната и намачена работничка класа.
Колкав број на таа администрација не оди воопшто на работа, колкумина од нив се претвориле во бубашваби кои се размножуваат за да не остане педа од трева која не може да порасне од нивната окупација. Овие наградени партиски кадри уживаат во единствената своја улога да бидат безобразни штеточини кои излегуваат од секое дупче и грабаат заедно со функционерите до последниот здив.
Нивните привилегии сите со молчење ги прифаќаат, освен малкумина кои колку што повеќе говорат и протестираат, толку повеќе тонат во мракот и изолацијата, како предупредување за останатите што ги чека ако го кренат гласот.
Излезот е само во излегување од глувчешките дупки, неприфаќање на неправдите и судбината, онака како што сега и отсекогаш во Франција тоа го правеле децата, средношколците и студентите, кои ги губат очите, рацете и спремни се дури и на елиминација на главите, но победа мора да има. Синдикатите на наставниците, федерациите на родителите и вработените во јавниот сектор се приклучија кон штрајковите и маршевите и изразија солидарност со нив.
Така единствено се создава и гради држава, само на тој начин се опстанува, кога се борите и гинете за себе и светот, кој кога ќе го напуштите, ќе може да преживее. А тоа не е малку, а е најмалото нешто што можеме да го направиме.
