25 минути

Окупација на крави во 365 слики

Како да не бидете горди што живеете во оваа земја, која ги развеселува светски медиуми и оттука и светската јавност, со неконтролирано движење на раскикотени крави низ Крива Паланка, со кои, какво неверојатно изненадување, власта не можела да се справи. Дали е тоа истата власт која секојдневно излегува со еднакво убави вести покрај инвазијата на крави, но и за апсолутниот успех кој го постигнале и благодарејќи на нив, прогласени сме за земја со трет економски раст во Европа.

Што вели Агенцијата за храна и ветеринарство- дека “спроведува активности за справување со проблемот со говедата, односно нивно заловување и покрај предизвиците со кои се соочува – непристапен терен и опструкции од поранешните сопственици”. 

Како е можно власта да не може да фати разулавени крави, а во исто време да ја ведне главата само кога ѝ се врачуваат медали на вратот, кога ги прогласуваат за лидери на третата земја по економски раст?   

Кажете само една земја во историјата на човештвото, во која нападот на крави се главната вест во светот, а во исто време истата таа држава има највисока стапка на раст на БДП во регионот и најниска инфлација. Зошто цела држава би седела со скрстени раце, додека кравите прават пустош низ улиците и школите на Крива Паланка, а во исто време премиерот Мицкоски отвора шампањ и соопштува дека Македонија е во топ пет во Европа по раст на БДП, зошто?

И како е воопшто можно да имаме вакви историски економски успеси, а во исто време УНИЦЕФ да соопштува поразителни податоци- скоро секое второ дете живее под прагот на сиромаштија, околу 120.000 деца во Македонија се погодени од сиромаштија, 32% од децата живеат под националниот праг на сиромаштија, а 40 отсто се соочуваат со мултидимензионална сиромаштија.

Колку пати треба да се повтори дека ова е држава со трет економски раст во Европа, за да се поклопи зборот сиромаштија, која ги јава неконтролабилните крави, кои го окупираа светското медиумско небо. Зошто кравите ја потопиле оваа библиска земја, кога во економските успеси Владата запишува историја и вели дека во втората половина на 2026 година, инфлацијата во Македонија е пониска од просекот во еврозоната (каде во октомври изнесуваше околу 4%) и меѓу најниските во регионот.

Синдикалната кошничка е избришана и сега е стапена на сила владина потрошувачка кошница, со која граѓаните лагодно и безгрижно живеат, додека кравите ги бркаат и гонат низ овие светски економски успеси. Да ги кренеме чашите и да наздравиме за оваа власт,  на која само окупација на крави ѝ е главниот неуспех во владеењето. Токму затоа, младината не треба да се грижи за својата иднина, за тоа се погрижуваат бугарските пасоши, кои ги поседуваат министри дури и на оваа Влада, кои им ги топлат џебовите, додека мавтаат со економските успеси, на кои ниедни хистерични крави не можат да им го одземат овој триумф.