Секоја чест за ингениозната идеја на шефот на дипломатијата, Бујар Османи – да ја инаугурира Валентина Божиновска како член на Стратешкиот совет за надворешна политика.
Сите со носталгија и сета се сеќаваме на нејзините воинствени повици за ноќта на долгите ножеви во 2016, пред седиштето на ДИК, затоа и одушевувањето е уште поголемо, посуштинско, покатарзично. Идејата на Шарената револуција беше токму тоа- да се наострат ножевите, да се расчисти засекогаш со прогресивните остатоци, да се дотолчи сѐ што се што се бори за подобра и поправедна иднина.
Сега е време да се врати со иста мерка, во знак на благодарност- да се мобилизираат и регрутираат сите оние кои интелектуално не се искористени, да се впрегнат особено изострените, генијални умови во битката за основни демократски вредности.
Така се граделе демократски општества низ историјата, зарем не, со неверојатна леснотија, за да се заборави и исмее, особено да се исмее засекогаш бремето на неподносливата тескоба која ја носеле режимите како оној на груевизмот.
После завршените револуции, се фрлаат во прегратките кон луѓето кои повикувале на насилства, на терор, да се наградат особено оние кои сееле страв и трепет, кои имаат потенцијал за уништување и деструкција.
И не е сеедно што Божиновска објави дека се откажува од оваа титула која ѝ беше доделена. Најпрво ги почести сите останатите членови со своето присуство, и потоа, најверојатно, откако ги слушна сите бурни, жестоки реакции на јавноста, таа се повлече, повикувајќи се на здравствени причини.
Нејзината свесност дека не припаѓа таму, сепак, откако се погледнала во огледалото на јавноста, треба да го замисли Османи. Таа му порача дека во политиката секогаш не може се да биде сосема безгрижно и релативно, колку и да изгледа во Македонија дека тоа е единствениот пат за успех.
Но, ако Османи го погледне само патот кој го одбра Стојко Пауновски, можеби некогаш ќе се сепне. Дека во животот ништо не значат функциите, славата и привилегиите, ако тие не се обавуваат со интегритет, чест и достоинство. Тоа е истата лекција која Радмила Шеќеринска им ја порача на нејзините сопартијци, после Конгресот на СДСМ. И Пауновски и Шеќеринска изгубија многу малку, за да покажат дека само така се добива многу, навистина нешто вредно.
Историјата ги сака луѓето кои одбрале да бидат краткорочни губитници, и затоа и со задоволство ги прогласува за долгорочни победници. Некому можеби му изгледа претежок тој пат за да инвестира во него, бесмислено ризичен. Стравот е преголем за да се одбере самоубиствено хазардерство, наместо лагоден, безгрижен живот, без никаков напор, без трошка жртва за некое поголемо, повисоко добро. Но, каков е тој живот без идеали, без соништа, еве, кажете вие.