Додека седев некој час во Охрид, на Преспанскиот дијалог, времето се врати од пред нешто повеќе од 20 години, како никогаш да не сме се помрднале, мумифицирани, замрзнати во апсурдите. Филип Рикер, Ален Ле Роа, Ерван Фуере, Дорис Пак, Едвард Џозеф, за жал Пердју почина- го премотаа филмот на тоа изминато време, во кој единствено од присутните Радмила Шеќеринска и Никола Димитров, а следниот ден и Стево Пендаровски- само овие тројца се сведоци и директни учесници во разврските, решенијата на сите мачни, тешки времиња кои тогаш изгледаа невозможни да се отплеткаат.
И, повторно сме на местото на злосторството. Овојпат, со каменот извиткан со јаже околу вратот, нашиот врат, зарем поинаку некогаш било, сега Бугарија е на масата.
Со расфрлени шаховски фигури, околу нив растурени, за добро да ги видат, да ги заболи тој нов хаос, еден по еден, сите се качуваа на бината, навидум со леснотија, со елан, за да не види никој што се им тежело од последниот пат кога стапнале на оваа земја. И сега пак се тука, повторно сите се раѓаме, во болки и крици, затоа што ништо не завршило, допрва почнува.
Додека ги собираа фигурите по патот на бината, знаеја дека кога ќе го свртат грбот, повторно ќе им се преместуваат и фрлаат, уште подалеку, за да не можат никогаш да ги дофатат. Политиката е една безобразно скапа и крвава шаховска игра во која многу често нема правда, ниту праведност, никогаш леснотија, многу повеќе се работи за мачнина, се губи пак многу често далеку повредното отколку што се добива. Но, сеедно, одиме понатаму, до бескрај, до изнемоштеност.
Не верувам дека сите овие луѓе не се веќе уморни, премногу заморени, со тежок од, со краток здив, испрекинат, на интервали, со внатрешен глас кој им вели дека треба да дишат длабоко, затоа што само така ќе може понатаму.
Заев е навистина релативно нов во играта, оваа со испретурени шаховски фигури, раскршени, иззабени, некои и не можат да се препознаат од што се истрошиле и најавуваат повлекување, и тоа најмногу кога се потребни. Она што успеа е Преспанскиот договор, она што се закопа е Пржинскиот- тоа е таа игра, некаде губите, некаде добивате, но драмата ја оставате за подоцна, ќе се исплачете утре, за година-две, за педесет, одлагате секогаш, кој сега има време за тоа, затоа што идејата е никогаш да не се откажете.
И така, дојде на сцена новата фигура, но, апсурдот е што таа е барем еден век стара, значи нам добро позната- Бугарија. Заев сега е сам пред шаховската табла, ја гледа, ја протресува, ја размрдува, таа изгледа очајно празна и заканувачки најавува дека ќе се полни наскоро. За тоа време, еден по еден, оние погоре, старите наши пријатели, оние кои полека и со тешки чекори се качуваа на бината, го гледаат отстрана, му дофрлаат, му додаваат и го бодрат. Сакаат да му кажат дека не е сам, дека е надгледуван, дека има помош, дека никогаш нема да го остават на цедило.
Информацијата е таа- дека има понуда за унилатерално решение- секој да има пред себе своја верзија за македонскиот јазик. Што се однесува до Македонија, тоа би било- дека македонскиот јазик е кодифициран 1945 година. Што се однесува до Бугарија, ним би им стоела сосема друга верзија- македонскиот јазик не постоел пред 1944 година, за подоцна, во иднина, тој преку документи би се третирал во согласност со Уставот.
Но, тука не застанува негирањето на идентитетот. Затоа што, има и уште една информација која ја слушнав, за понуда за решение, кое се однесува на националноста- дека некои луѓе, преку границата на Бугарија, значи тука, како и преку границата на Македонија, значи во Бугарија, се изјаснувале поинаку од македонска националност- односно, како Бугари.
Прашањето е јасно- дали *Гамбитот на Заев е добро промислен? И како мисли да ја изигра, и конечно да ја затвори шаховската игра?
*Гамбит- потег на отворање во шахот, каде играчот прави жртва, мора нешто да жртвува, во име на добивка, односно на предност.