Какви се тие неволји за СДСМ што ги гонат несоприливо, галопирачки? Независни кандидати за локалните избори се закануваат да ги сомелат, но не, великаниве од партија не се даваат, не попуштаат, во ек е битка за живот или смрт, додека не ги уништат докрај независниве.
Со право, сосема со најголемо право, затоа што редот е таков- да се елиминира се што стои на патот на гигантите. Токму затоа, Владата предвидува независните кандидати да соберат потписи од два проценти од избирачите на општината, па нека повелат, нека посакаат повторно да освојуваат политички тврдини, зациментирани, забрикадирани, неосвоиви, недопирливи.
На прв поглед, Владата на Заев сега се потсмева, пих, не ме засмејувајте, велат тие, тоа се мали, неважни кандидати, од мушичка категорија, кои воопшто не ги ни забележувате дека опстојуваат, дека воопшто постојат.
Но, во меѓувреме, овие независни, опаки бубинки, ситни инсектчиња, невидливи гадинки, се насадиле насекаде, ги окупирале просторите, се размножиле, пуштиле ларви низ сите ткива во општеството, се разбуктале, запоседнале и окупирале буквално сѐ. Онака како што и Шарената револуција голташе сѐ пред себе.
.Демократијата по самата сушта дефиниција навистина претставува опасна замка- пред да ја посакате, убаво размислете дали вреди да се инвестира во неа, затоа што подоцна веќе е касно, подобро, предоцна за сѐ што е помалку од неа.
О, да, зависно од тоа дали сте демократ по убедување или класичен тиранин, таа е мајката на сите почести, но и на огромни неволји- може да ве крева и слави, да ве вивне и величи, но и искрено да ве оплакува ако скршнете барем милиметар на патот, еднакво, со еднаква жар, како што може да ве уништи до срж, да ве закопа, пред да посакате да се родите воопшто.
Затоа, размислете два пати, дали сакате да станете деспот на малите, ситните, анонимните, нејаките, слабите, немоќните, обичните, тогаш, кога демократијата е на сила, кога таа ви ги диктира правилата, поредокот и самиот живот, конечно.
Деспотите штом тоа го видат, ве предупредуваат- подготвени се да ве сецкаат парче по парче, да ви ги кршат едно по едно ковчињата, да ви ги истребат жилите, да ве соголат докрај, додека не останете јаден и беден, сам и опустошен, за да ја научат сите лекцијата- како не смее да функционира едно општество кое е доброволно засновано, врз основа на правда и праведност, чест и чесност, милост и мудрост, пред се.
Демократијата е опасна сорта, ви велам, пазете се од неа, ако не сте доволно спремни за сознанието, за знаењето дека слободите и правата се над се, дека тие се стекнуваат со раѓање, а не се даваат со милостиња, ниту со терор, ниту со сила, ниту со неправда.
Видете само како претседателот Пендаровски застана зад овие тврдоглави, јуначки битки на оние, кои демократијата особено ги брани- кревките, малите, штотуку испилените, кои сѐ уште признаваат дека не знаат да одат низ срчите кои им ги поставиле големите, кои одеднаш посакаа да станат деспоти.
Маливе наши, независниве, мораат да се држат цврсто надвор од оградата, во која мнозинството, посилните, агресивните и арогантните како нашиве големи партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ мислат дека не ставиле, замислиле дека сме во трло, за да не видиме и не знаеме што надвор се случува. Секогаш сонуваат да ја направат таа ограда со боцкави жици, дополнително да пуштат струја низ неа, за да се стресе секој што ќе посака да влезе во нивната територија, кутрите тие мислат, засекогаш окупирана и освоена.
Освен Пендаровски, за кого се подразбираше и се очекуваше, согласно неговата политичка кариера, да застане токму зад малите и маргинализираните, добро е што фронтот се шири и понатаму- шефот на Кабинетот на Шилегов, Никола Наумоски- Никса, паркобран и еден од пионерите на „Плоштад Слобода“, еднакво го крена гласот против наметнувањето на дрскиот процент потписи.
Затоа што, многу добро знаат сите- малите гадинки, невидливи, непостоечки, низ историјата секогаш биле темелот на сѐ- на револуциите, на самото раѓање на демократијата, како и на пропаста на политичките слепци, кои ох, колку наивно, мислат дека големината ја црпат преку силата и ароганцијата. Ништо така не опстанува и не трае долго, драг наш СДСМ, несреќите оттаму почнуваат, и така неславно конечно и завршуваат.