25 минути

Поетско читање во Струга за Блаже Конески

Во рамки на прославата за 30 години од независноста на РСМ, компанијата „Инфомедиа Системи“ организираше поетско читање во Струга, како прва активност од проектот „Блаже Конески – Проста и строга македонска песна, во чест на 100 години од раѓањето на великанот“.

На самиот настан кој вчера се одржа пред платото на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга се реализираше поетско читање на делата од реиздадениот албум со песни од Блаже Конески „Проста и строга македонска песна“, во изведба на Симона Спировска, актер и Дино Имери, пијано.

Овој месец албумот го реиздаде најголемата дискографска куќа во регионот „Кроација рекордс“ од Загреб, што оригинално беше снимен пред точно четири децении, во 1981 година. 

Главна цел на овој проект е зачувување и промоција на македонската култура и книжевност преку медијално издание на делата на великанот Блаже Конески, а ја адресира тематската област посветена на дејноста и делата на истакнати домашни дејци и автори во сферата на творештвото, културата, уметноста, литературата, музиката, образованието, науката, спортот и други истакнати личности кои имаат директен придонес во развојот на државноста или придонеле во создавањето или зачувувањето на културното наследство. 

Како дел од овој проект во текот на месец септември ќе се одржат уште три вакви настани и тоа, два во Скопје и еден во Прилеп.