Ден пред пописот- кога треба да се преброиме, за да видиме колку сме, но и дали сме токму, за да не го разочараме драгиот Гане Тодоровски, но и да го потврдиме нашето објаснување- дали навистина сме тука и зошто сме воопшто тука?
И, дали сме навистина тука? Навистина присутни, со ум, со разум, длабоко навлезени тука, со трошка емоции, да разбере каде воопшто живееме? Затоа што, објаснувањето следи по логичен ред- кога се бидува, се битисува, тогаш и се сознава- зошто да се биде воопшто некаде, ако сме одбрале да бидеме за никаде?
Тогаш, кога ќе стапнеме на улица и наоколу сме опкружени со тони смрдеа од ѓубрето, кое, каков шок за сознанието- било наше, сопствено, извадено од цревата и довлечкано и расфлено таму, каде што повторно сме ние и, видете изненадување, никој друг, освен нас.
Можеме, о, да, со сета сила да ги проколнуваме и пцуеме амбасадорите на странските земји, како не се сетиле досега дека не е доволно неколку пати во годината да чистат, господа драги, не бидете наивни, ве молам. Тоа треба секојдневно да ви биде обврска, деноноќно, потребни ви се стражи, војнички смени, неопходни ви се сирени вградени во главите, да ви завиваат, на вашите граѓани да им се чипираат, да ве потсетуваат вашите даночни обврзници за што ние им плаќаме тука на нашите политички великани. За вие да им ја средувате државата, зарем досега не сфативте?
Да нѐ чистите, да нѐ гланцате постојано, да продолжите она што го правевте и досега- макотрпно го обезбедувавте низ деценииве: да ни правите школи и болници, да ни купувате медицински и какви сѐ не апарати за да ни ги спасите животите, за нив тука никогаш нема доволно пари, тогаш кога корупцијата е повредна кај нашите политички татковци, да вложувате во наука, во образование, во нашата иднина, која ќе биде бесмислена ако не сте вие. Вие со децении нѐ молите да започнеме веќе еднаш со таа борба против корупција, за да ставиме крај на злоупотребите на истите тие наши политички великани. Ни ги отворавте докрај очите за да се избориме со слепилото и да почнеме да ја почитуваме другоста, да дознаеме колку е важна мултиетничката толеранција, колку мора да разбереме дека сексуалната ориентација значи само љубов кон поинаквите, затоа што се наши и затоа што сме исти. Со децении и векови траат лекциите за правата, за слободите, за широчината на човечкото битие, за што сѐ не, добога.
Ние тие амбасадори, странци, меѓународни фактори, секогаш кога ќе згусне и ќе прекипе почнуваме да ги преколнуваме, да ги молиме и апелираме одеднаш испуштајќи нежни гласчиња, довчерашните грлени татнежи да ги заборават и да се сетат на нас. Да ги засукаат ракавите, да ги навлечат ракавиците, да ги исчистат сите наши непрегледни патеки на лошотија, омраза, национализам, криминал и корупција, ѓубришта од сите видови и сорти, за да нѐ спасат од самите нас. Имајте милост, им велиме, ние не знаеме што со нас, никогаш и не сме помислиле да дознаеме.
Ги молиме така со години, веќе 30 добри години, но, видете, засрамувачки мора еднаш и да се признае- има тука некаков исконски презир во тоа молење, арогантен зафат на главата, онаа наша цинична насмевка, дека можеме и полошо, дека сме покажале конечно дека можеме, но, ете, сме им направиле чест да ги ислушаме нивните апели за разум и освестување.
Затоа и изгледа како глума кога кукумјачиме да нѐ спасат од нашето ѓубре, кое се населило во нас, во утробата врие, до грло ни дошло, па се излева потоа од устите, од секоја наша пора. Реата ним им пречи, не нам, тие подобро знаат како да не извлечат од самите нас. Нормално дека потоа прекипело до експлодирање, и потоа се катапултирало насекаде, и нив за малку да ги потопило. Тоа е нашиот попис, во кратки и строги црти- тоа е сѐ што понудивме досега.