Толку многу несреќи во оваа земја, толку малку правда- охридската, Ласкарци, тетовската и последнава, бугарската- толку малку срам, одговорност, казнивост. Поточно, воопшто се нема срам, нема никаква одговорност, никогаш не се добива правда. Ништо од тоа. Погледнете ги само надлежните институции- неброени државни инспекторати, на кои ниту името не им го знаеме, најмалку луѓето кои раководат со нив, кој се работи воопшто таму, не засмејувајте, кој воопшто работи таму.
Следуваат фантастични бројки на агенции, надзорни, управни, од секаков вид одбори, комисии, тела, органи, проширени, надградени, безначајни во суштината, непостоечки во сржта. Мали и големи директори, понизни шефови и покорни шефчиња, моќни и безлични раководители, ситни инспектори и крупни инспекторчиња, сите тие играат над нашите глави, не обезглавуваат, распоредени во важни функции, во исто време сосема неважни, никому не служат и ништо не значат. Никој од нив нема никаква улога, не знае зошто воопшто постои, дали воопшто знае дека го има? Партијата ги благословува, партијата ги именува, тие и служат исклучиво неа, во живот и во смрт, додека сите околу нив гласно, болно, во агонија умираат.
Погледнете го само оној Државен инспекторат за транспорт, кој немал доволно инспектори, премалку биле луѓе за да вршат контроли и надзор над автобусот на „Беса транс“, во кој загинаа 45 луѓе во Бугарија. Сега се испостави дека оваа фирма немала лиценци, валидни документи, но сепак, превезувала луѓе, или поточно, глинени гулаби, во секое време подготвени да бидат на отстрел. Како во филмска лента наредени сите до еден, построени да изгинат, живи да изгорат, додека неспособните, неквалификуваните владеат, само затоа што владее неказнивоста и неправдата.
Дали некој ќе ќе даде оставка е беспредметно прашање. Оставката веќе не е она што е праведно- одговорноста е вистинското прашање, вистинската правда.
Досега имавме толку многу несреќи, толку многу жртви, еднакво толку многу тага, бес и молк за одговорноста. Охридската, Ласкарци, тетовската и последнава, бугарската, несреќи кои се забораваат, додека сите не отапиме. Срамна Македонија.