Секогаш е смешно да се биде жена. Особено жена политичарка. Потсмевањата кон Славјанка Петровска, како министерка за одбрана, особено се права бурлеска. На нејзините изјави дека Македонија како членка на НАТО освен што има привилегии, има и обврски кон заедничката политика, многу луѓе паѓаат од смеење.
Не може да се побегне од смеењето до солзи кога ќе се види жена како наместо да спие над шпоретот и над машината за перење, ја користи главата, за разлика од примитивизмот, кој владее во прегорените ќелии на расклештената публика.
Тие секогаш повеќе би сакале да видат некој расен мустаќлија- генерал како во транс салутира пред нацијата, пред да почне да се расфрла со војничките акробации од кои ќе одлета можеби и Планетава, но тоа е жртвата, господа.
На Плоштад, на јавна сцена, за да биде комедијата поиздржана, потскокнувајќи- салут напред-назад во циркуски манир, нашиов мрачен генерал се поднаместува со заканувачка пируета да ги подмачка топовите и тенковите, на општа радост на насобраното сеирџиско население, кое едноставно сака да се стресува од воената хистерија која може само горостасен маж- како Путин да ја предизвика.
И потоа, се замрзна државата. Смртта на омилениот Аки Рахимовски и на местро Александар Џамбазов не одведе во поинакви, за жал, само во вакви прилики, почовечки текови.
Колнењето во македонскиот идентитет и сакањето на државата води секогаш кон негувањето на културата, на почитта кон уметноста. Признавам, никогаш не сум го слушала „Парни ваљак“, мојот избор во младоста и денес се „ЕКВ“ и „Хаустор“. Но, она што посебно останувало, бил драгоцениот вокал на Аки Рахимовски, сознанието со каква жар и топлина велел дека е Македонец, а Хрватска дека му е „домовина“, иако бил роден во Ниш, а најзначајниот животен период му го обележала неговата Хрватска.
Чудни се тие патишта- срцето го бира идентитетот, оној националниот, и иако се чувствувате дека повеќе му припаѓате на светот, отколку на локалната толпа, некако, во вакви околности, ви станува важно што сопствениот идентитет ви го граделе луѓе како големиот Џамбазов, како фасцинантиот Аки.
И затоа, се однесувате достоинствено, и ги примате луѓето кои само сакаат да ви кажат дека постојат- Македонците од Бугарија, кои отидоа на средба кај претседателот Пендаровски. Тука не се потребни политички калкулации, ниту пак станува збор за провокации. Никој не кова опасни стратешки заговори, никој не планира ништо спектакуларно со ваквите средби, никој не се меша во внатрешни работи на други држави- само елементарна почит и чест е доволно да се има, за да може да се преживее и за да се здивне.
Оваа лекција на Пендаровски кон некои македонски политичари- да се почитува нечие достоинство, за да се добие за возврат истото, е добар патоказ за водење на една посмирена, помудра политика од македонска страна. За да донесе кон разумни решенија и разбирливи компромиси со Бугарија, но никако сервилно и понижувачко однесување, кое апсолутно води само кон наш сопствен изеден срам и бурен гнев. Нека разберат дека навистина е тажна оваа наша улица со нив.