Убиството на младиот хрватски ракометар Денис Тот во скопската дискотека „Привилиџ“, отвори нови рани од старите болки, нови срамови, нови стравови- во што се претвори оваа земја.
Хорор приказна на една млада, несозреана, искршена и испукана по сите шавови, држава.
Млади луѓе до смрт претепуваат човек, додека наоколу други луѓе гледаат, можеби и снимале, веројатно тоа и нема да се дознае наскоро, а можеби и никогаш. Тие луѓе гледаат и само гледаат, бледо, заинтересирано до каде ќе оди тоа крвничко млатење, но ништо не прават за да ги спречат насилниците, да ги оттргнат, додека го претепуваат младиот Денис Тот. Подоцна се дознава дека се работи за хрватски државјанин. Се вклучуваат и хрватските институции, како што неофицијално се зборува, во притисокот да се фатат убијците.
Клопчето се одмотува, и одеднаш, несакајќи, пролетува веста дека дискотеката немала лиценца. Дека работела и покрај тоа што била затворена од инспекторите. Кои никогаш не се вратиле повеќе, чисто случајно да проверат што се случува со нивната пломба. Или видете, можеби и заинтересирано некогаш се вратиле, една обична, мала прошетка која се разбира дека никаде не води, но што да се прави, крајот е секогаш тој. Кренале незаинтересирано со рамениците, по малку жалосно констатирале дека сè функционира во најдобар ред, односно дека сè уште се никој и ништо во оваа држава. Нивниот клуч е фрлен во првиот контејнер, како и многу клучеви претходно. Неисправни авотбуси, превозни средства, немање на лиценци, корупција, никој не одговара, ова е земја на неказнивост. Сите се возиме во истиот автобус на смртта.
Клучот на лиценцата која не постоеше ниту за автобусот во кој живи изгореа луѓе во Бугарија. Дали ја памети некој бројката, дали некој ги знае нивните имиња и презимиња, имињата на семејствата кои и ден денес плачат. Она најважното, дали е казнет некој? Дали е засрамен тој некој, некој, кој некој, како кој, мора да има некој. Никогаш нема некој. Тука секогаш нема никој. Сите се возиме во истиот автобус на смртта.
Се сеќавате на автобуската несреќа кај Ласкарци? Ја знаете ли бројката на загинатите? Ги паметите ли нивните имиња и презимиња, нивните семејства само тие се сеќаваат во плач? Дали е казнет некој? Нема некој, тука има само никој. Додека се возиме сите во истиот автобус на смртта.
Или клучот на лиценцата на тетовската болница, и тој е фрлен, изгубен, намерно стопен. Навистина ли немала технички прием, навистина ли влегувал и излегувал кој сака, кој што сака правел. Таму изгореа живи тие луѓе- колку беа на број? Се сеќава ли некој, памти ли? Ги знае ли нивните имиња и презимиња, имињата на нивните семејства, кои до ден денес се уште плачат? Дали некој одговараше, дали беше некој казнет, дали се засрами некој од сите овие прашања, дали се загрижи некој, дали се вознемири? Кој е тој некој, никогаш нема некој. Секогаш има никој. Сите се возиме во истиот автобус на смртта.
Овде не се доделуваат лиценци за дискотеки, болници, автобуси. Тука се доделуваат само лиценци за убиства. Некој тоа доделува. Кој некој, како тоа некој, нема ли тој некој име и презиме. Има ли некој што е загрижен што тој некој доделува само лиценци за убиства? Дали е казнет некој, дали одговара некој? Има ли воопшто некој во оваа држава да тресне на масата, да воведе ред, да каже- доста е, никогаш повеќе. или секогаш ќе има никој. Секогаш, засекогаш.