Дали има разлики меѓу првиот и вториот француски предлог на Преговарачката рамка? Има, како нема, огромни се. Но, всушност немало. Протокол? Неее, нема Протокол, што ви е на вас. Но, всушност имало. Има историја? Неее, нема историја, не се шалете со нас. Но, всушност имало. Има македонски јазик? Дааа, има. Но, всушност, ќе имало и нешто друго, со посебна изјава, во посебен документ на Бугарија- се шпекулира дека ќе пишувало дека е македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик.
Но, во ред, секој може да мисли и пишува што сака за државава во свои документи, за своја лична потреба и употреба, доколку тоа не претставува сериозна закана за самата држава. Сепак, никој не изјави дека Бугарија ќе потпише и посебна изјава, во која ќе даде цврсти и неотповикливи гаранции дека македонскиот јазик ќе остане недопрен во ниту еден друг документ, освен оваа најавена, шпекулативна, осамена изјава за дијалектот.
Она што е сигурно е дека никогаш нема да се бара бугарската страна да се потпише дека нема да не малтретира и уценува за историските прашања, кои стојат во документите. За дискриминацијата, која стои во документите. За говорот на омраза- кој стои во документите. За сите овие прашања нема гаранции дека нема да се блокираат преговорите, се додека не се согласиме на бугарските барања.
Освен тоа, она што се надеваат македонските политичари е дека ЕУ одеднаш, неочекувано, изненадувачки ќе стане свесна дека небулозите за бугарското читање на историјата и идентитетот мора да престанат. Понатаму, дали навистина ќе се вметне барањето од бугарска страна- ”Владата на Република Северна Македонија да ѝ достави на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија во согласност со член 12 од Програмата помеѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Република Северна Македонија за соработка во областа на образованието и науката.” Она е што е сигурно е дека и за тоа никогаш нема да има потпишани гаранции. За сите овие прашања нема гаранции дека нема да се блокираат преговорите, се додека не се согласиме на бугарските барања.
Не се знае ни како ќе бидат претставени оние 3.504 денес постоечки Бугари во Македонија, кои сакаат да станат дел од Уставот. Во кој дел од Уставот точно? Дали овие 3.504 Бугари ќе станат „свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија“? Не се знае ни кој е планот со вметнување на Бугарите, што не е воопшто никаков проблем, ако се остане во рамките на нормален, цивилизиран соживот, како со останатите малцинства, делови на народи.
Но, знаете како- отворањето на културен клуб под името Ванчо Михајлов дали е аргумент за соживот на овие 3.504 Бугари во Македонија? Дали славењето на празниците во Македонија ќе подразбира и паралелно славење и толкување на историјата од бугарска страна, од оние 3.504 попишани Бугари во Македонија? Дали кога Македонија ќе го слави 11 Октомври, Ден на народното востание- дали тоа ќе биде славено и од овие 3.504 Бугари во земјава, како Ден на бугарското востание, како почеток на бугарското ослободување од фашистичкиот окупатор, кој, каков парадокс, всушност бил бугарски? Дали кога ќе го славиме Денот на сесловенските просветители и словенската азбука, паралелно овие 3.504 Бугари во Македонија ќе слават Ден на бугарските просветители? Дали кога ќе се слави Денот на македонскиот јазик, тоа ќе подразбира дека овие 3.504 Бугари во Македонија ќе слават Ден на бугарската азбука?
Дали ќе станеме паралелна држава, разградена, разјадена одвнатре не зависи од добрата волја на Бугарија или на ЕУ. Зависи од македонските политичари кои мораат да бараат птпишани гаранции за сите стапици, опасности, сомнежи, стравувања. Исто така, треба да бидат чесни нашите политичари- да објаснат дека оваа Преговарачка рамка не подразбира и отпочнување преговори, дека е долг и трновит патот, неизвесен и со никакви гаранции дека ќе излеземе неповредени- доколку тие не бараат прецизни, потпишани гаранции за сите стапици и опасности.
Она што е сигурно е дека е одличен потег што Преговарачката рамка беше објавена на сајтот на Владата на Македонија- на англиски јазик. Со волкава неписменост, полу-писменост и сиромаштија која подразбира немање компјутери и Интернет, сè на сè- сеопшта изгубеност, добро е што во Владата не се вработени преведувачи од англиски јазик. Вака, само еден процент од населението ќе може да отвори Интернет и да го прочита Документот. Подобро да не се преведува. Најдобро е само да стават само една реченица: „Жал ми е за коњот“. (Песна на Ѓорѓе Балашевиќ- „Ратник паорског срца“).