Вапцаров му припаѓа на светот, најпрво. Потоа, мора да сфатиме, како што вели неговиот внук кој го носи истото име- дека не можеме да го поделиме на половина. Да сакаме да биде и Македонец, да сакаат да биде и Бугарин. Ако се декларирал и чувствувал како Бугарин, за што некои од нас сега дознаваат, тогаш тоа мора да се признае и да се почитува. Ако Вапцаров вели дека тој и неговото семејство исто така се чувствуваат како Бугари, зарем може и тоа да биде воопшто поставено како прашање, да биде спорно.
Затоа, се враќам на една моја колумна, две години стара, како што се стари и бесмислени повторно барањата на официјална Софија да не се спомнува “македонски јазик”, никаде, на ниво на ЕУ, како и да се избрише формулацијата “бугарски фашистички окупатор” од сите учебници и споменици во Македонија.
Од филозофска и космополитска гледна точка, секако дека за момент би се сложиле со некаков дел од ваквиот нивен поглед на свет. Доколку е можно светот да започне сега одново, од самите прапочетоци, кога ништо не постоело, само мали, првобитни навестувања за создавање на некаков идеален свет. Во тој свет, да се изродат само луѓе.
Кога би можело, сите посакуваме да не постои воопшто историјата онаква каква што била запишувана, што останала врежана во колективната меморија, чувана низ архивите, запаметена низ сликите, препеана низ песните, читана низ романите.
Да немало историја на окупации, поробувања, асимилации, протерувања, бегалци, тоа би бил нашиот идеален свет.
Да може да се случи сè да започне од почеток- повторно да проодуваме, кревки, слаби и наивни, настанати од праматерија искреирана од лабараториски спој на идеална ДНК, за никогаш да не дознаеме дека Балканов низ вековите наназад ќе стане колективна гробница на безумните и крволочните. Кога би било можно, зарем не сакаме никогаш да не сме осознале дека постојат милион сценарија светот дека можел да стане избезумен, да немаме претстава дека мапите можело да се исцртуваат само со крв, солзи и зла, дека ќе се појават многу зли пци препознаени низ историјата на човештвото.
Кога би можело историјата да се врати на Балканот, вековите да изгледаат поинаку, секако дека сите би го посакале тој поинаков свет.
Да немало никогаш граници, ниту пак религии кои нè делеле, ниту да се случило ѕвецкањето со оружјето, да можело да бидеме поинакви од она што сме станале низ вековите. Кога би можело, тој свет би бил она што вреди да се живее- никој од нас да немал потреба од борци, од херои, кои денес ги славиме- да немало поробувања, војни, окупации, асимилации, денес никој немаше да ги бара нивните коски и да слави празници за ослободувања, зарем не?
Во меѓувреме, сепак, нешто и сме добиле ние тука, на Балканот- се сочувувале и претопувале, се испреплетувале до совршенство културите, традициите, обичаите, јазиците. Тоа еднаш мора да го признаеме.
Кога би можело, секако дека најдобро би било соништата да ни станале заеднички. Да сфатиме дека вечното прашање “Чија е оваа песна” е- бесмислено и едноставно смешно, затоа што не води никаде, освен во празно, пусто губење време. Во многу од песните што денес се пеат низ балканските земји, секој давал свој придонес во буква, слог, ритам, нијанса која станува иста и поинаква во исто време. Таа станала своја и сечија и нечија и повторно своја, да го признаеме еднаш и тоа.
Сите ние- Србите, Албанците, Грците, Бугарите- и ние Македонците, зарем не знаеме дека сме можеле поинаку? Зарем сега, од денеска нека биде- зарем не можеме навистина да објавиме дека конечно сме научиле да станеме поинакви, подобри и поголеми? Да почнеме да му припаѓаме најпрво на светот, а потоа да се делиме и пресекуваме на пола, за да се докажуваме колку сме поголеми и поважни во нациите, наместо да се натпреваруваме колку сме станале луѓе. Секако дека може, онака како што можел и Вапцаров да му припаѓа најмногу на светот и сите да го славиме најмногу заради тоа. Еднаш мора да пробаме и така да почнеме.