Претепаниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков бил во исто време и нарко-дилер, што ја прави оваа функција уште поважна, повеличенствена. Никој нема против, конечно од нешто мора и да се живее, воздивнал нашиов нарко-дилер, разочаран од пропаста на бугарската култура пред неговите невини очи. Очигледно нема леб од проповедање на бугарската култура, особено ако го претворите Клубот во дилерско гнездо, но, веќе заклучивме- од нешто мора да се живее. Што дочека црна Бугарија- фашистичките имиња на бугарските клубови да се пред опасност од пропаѓање, тотален банкрот. Затоа е и добро што се појавила нова иновација, инвестиција, додуша наркоманска, но, што да се прави, од нешто мора и да се живее, не може сите да пропаднат заради слабата продажба на идеологијата на фашистичките имиња, а така добар план беше тоа, ингениозен.
Но, она што е сега важно е дека бил искршен од ќотек како Бугарин, а не како препродавач на дрога, по што целата операција на млатење станува трагична по бугарско-македонските односи.
Нашите политичари го осудија тепањето, бугарските политичари се закануваат со вето, нашите политичари сега се преплашени дека навистина може да дојде до нова блокада, конечно никој не се сомнева дека тоа лесно може да се случи. Дури и да паднат на колена нашиве политичари и да ги молат бугарските, дури и да им ги бацуваат нозете, и да им се прпелкаат за прошка на босот на наркоманското дувло, ништо нема да и помогне на оваа земја. Доколку нарко-дилерот беше Македонец, Албанец, Турчин, Влав, што и да беше, немаше да дојде до потресени осуди за претепувањето.
Пендиков мора да биде излечен и повторно вратен тука, за да продолжи мирно, безгрижно и енергично да препродава дрога. Само така може мирно нашите политичари да заспијат, но со една задача пред себе- да се будат на еден час во паника и избезуменост, ако некој во Бугарија не успеал да чуе како извикуваат и салутираат дури и кога спијат- Правда за нарко-дилерот мора да има.