25 минути

Приспивна за вас, добри луѓе

Му завидувам на вице-премиерот Маричиќ, поточно на неговата изјава- дека последното зголемување на македонско-бугарските тензии не е закана за евроинтегративниот процес на Македонија. Тој вели дека штом ги завршиме уставните измени, требало да започне отворање на Кластер 1, на други кластери, на скрининг извештаи. Со други зборови, да очекуваме нормално одвивање на преговорите и да не се вознемируваме околу целата хистерија после тепањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, инаку човек  под истрага на дилање на наркотици. Да не се тревожиме околу изјавите на евро-пратеникот Ангел Џамбаски, кои се најотворени закани за атентат на претседателот Стево Пендаровски. Не, ние треба само да мислиме на преговорите и на ништо друго, ништо повеќе од тоа.

Фантазијата на македонските политичари нема граници- тие секојдневно замислуваат дека ЕУ, земјите-членки ќе се освестат низ годините, дека ќе сфатат што навистина се случува со Бугарија, дека ќе се разбудат и растажат, ќе се зачудат и изнервираат, дека ќе треснат на масата и ќе и кажат на Бугарија- доста е, го претеравте.  

На вакви политичари како нашите штета е да не се биде љубоморен. Замислете ја целата ситуација низ кабинетите, додека се растрчани новинарите, фоторепортерите, камерманите, видео-миксерите, тонците, целата таа медиумска орда која живее за тој момент- вистинска слика на катастрофата.

Ги замислувам нашите политичари што навистина прават додеа ги чекаат медиумските работници да ги окупираат нивните мали, заштитени светови на прелистување сликовници и рецитирање бајки за иднината. Тие, нашиве политичари за тоа време ја местат позата додека не се стабилизира целосно, за подраматичен ефект. Си доделуваат драмска улога на паталец и страдалник, но акцентот сепак мора да биде на мудрец и високоумен мислител. Затоа и мора да се доведат во ред сите делови на телото, додека ги распоредуваат за сликање.

Најпрво, ја ставаат раката на главата, како чин на транспарентно покажување на мислечка позиција, одамна позната веќе од античкиот период, препознаена преку сликите на Платон и Аристотел, кои одлично може да се вклопат во денешната научна мисла на нашиве министри. За да биде уште повпечатлива целата слика, тие долго, длабоко воздивнуваат додека шараат лево-десно, горе-долу со очите, како доказ дека навистина се впуштиле во авантура на покажување на нервоза, но, од која на крај сепак ќе мора да се очекува бесценет краен резултат- да извира мудрост.

Крајниот резултат- секако е дека е приспивна песна за сите нас, но после сите понижувања од бугарска страна, можеби надежта е дека ќе заспиеме и нема никогаш да дознаеме што навистина се случило. А можеби тоа е најдобиот пат, којзнае, невиден, неиспитан досега во светската политика и историја, но вреди да се проба. Но, добро, нека почне приспивната песна.